Ќе се бира директор на ОТА

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утре ќе одржи седница на која треба да биде предложен избор на директори на неколку институции и членови на комисии, меѓу кои и на Оперативно-техничката агенција – ОТА, новата агенција која ќе ја координира работата на разузнавачките служби во земјава и нивната техничка поврзаност со операторите.
Законот за формирање на ОТА беше донесен на 12 април и со него е предвидено дека оваа агенција се основа како самостоен и независен државен орган кој обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи. OTA дејствува како посреднички орган кој воспоставува технички премин помеѓу операторот и овластените органи, без можности за активирање или спроведување на снимањето на следените комуникации.
ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација. Техничката поврзаност се обезбедува исклучиво врз основа на судска наредба заради спроведување на следењето на комуникациите во согласност со Законот за следење на комуникациите. ОТА активира и создава технички услови за следење на комуникации за кривични истраги и за заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата.