Што ќе руча денеска Груевски


Ерол Ризаов

Неизвесноста за усвојување на уставните промени, кои ќе ја одредат иднината на Македонија, големите и сложени судски процеси кои првпат се водат во толкав обем во земјата, постапките за помирување и амнестија во Собранието и маршевите без војска на улиците, судирот меѓу политиката и правото, драматичните вести за нивото на загадување на човековата околина, кампањата на претседателот Ѓорге Иванов за попречување на европеизацијата на државата, протестите на опозицијата за слобода на сите што се на удар на законот за настаните на 27 април лани, штрајкот со глад на затворениците кои бараат целосно помилување; анемичната и безидејна влада која ја губи самодовербата и довербата, загрижувачките вести од Грција дека се подметнуваат решенија во уставните измени кои не се опфатени со Преспанскиот договор, со нагласка дека тоа може да предизвика во нивниот парламент дебакл и враќање на почетните позиции на двете земји без извесност за втора шанса, ненадејната повторна подготвеност на медијаторот Метју Нимиц и на ОН да помогнат во новонастаната ситуација, најавената американска дипломатска предновогодишна офанзива на Балканот… сè се тоа банални вести кои ја губат битката пред атрактивноста на менито на Никола Груевски во ексклузивните ресторани во Будимпешта.

Човекот што избега да не ја отслужи двегодишната затворска казна и да се соочи со правдата во повеќе судски процеси е вест број еден во земјата. Најголем новинарски подвиг е Груевски да се слика како шета во центарот на Будимпешта како слободен граѓанин многу послободен отколку кога беше владетел во својата земја, да се види како ужива во ексклузивен ресторан со своите пријатели, како влегува во џип кој со чкрипење на гумите заминува. Тоа што може да го направи Чак Норис во виц и на филм, тоа го прави Груевски во живо. Македонија чека нестрпливо со мобилките во раце да види што ќе руча денеска Груевски. Тој е слободен граѓанин кој избега спектакуларно и се спаси од злогласниот режим на постгруевизмот. Можете да замислите која катарза ќе ја зафати целата земја кога наскоро ќе се обрати до своите следбеници и обожувачи. На Груевски треба сега најмногу да му се верува бидејќи неговите подвизи и херојски дела заслужуваат восхит и почит оти тоа што му го направи на својот народ може да го направи само тој и тоа сосема заслужено.

Неговата саможртва да ја напушти саканата татковина и своите најблиски соработници и следбеници, своето семејство ќе биде следната потресителна сторија која ќе ја соопшти лично тој. За среќа во несреќа, оваа неправда ќе трае кратко. Никола Груевски набргу ќе се врати јавнат на Букефал да ја ослободи Македонија од ненародната и узурпаторска власт. Тоа ќе биде голем ден за македонската демократија. Се плашам дека овој сарказам на еден новинарски циник како мене нема да биде препознатлив кога тоа еден ден навистина ќе се случи.

А, има сериозни изгледи Груевски да се врати, и тоа на два начина. Првиот, да стаса триумфално ако продолжат игрите со уставните измени, кои во Македонија се одвиваат како да не се работи за обврски преземени од компромисен договор потпишан од двете влади и ратификуван во Собранието на Македонија, што може да предизвика конфузија и хаос во земјата и пад на владата. Во таков случај на неуспех да се биде земја членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ, вонредните избори би биле неминовност со однапред познат резултат. Враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ ќе го означи и враќањето на Никола Груевски поверојатно како премиер, отколку како сива еминенција и претседател на државата.

Вториот начин на враќање на Никола Груевски е со лисици на рацете да отслужи не две, туку најмалку 20 години затвор за делата за кои е обвинет. Доколку се утврди неговата вина во предметите за кои е обвинет на грешниците им следуваат повеќегодишни затворски казни. Така предвидува законот по членовите по кои се обвинети Груевски и неговите извршители. Вмешаноста на Груевски во неколкуте кривични дела е најголемата причина за неговото бегство. Транспарентноста во судските постапки, доказите и сведоштвата, запазувањето на сите процедури и жалбени постапки не ќе може да ги проголта ни Виктор Орбан ни правниот систем на Унгарија. Меѓутоа, пред тоа Македонија треба да ги оствари своите стратегиски цели и приоритети, а тоа е членството во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ кои се условени со донесувањето на уставните измени.

Остануваат повеќе злодела за кои Груевски и врвот на неговата политичка партија по десетгодишна злоупотреба на власта никогаш нема да одговараат ниту, пак, некој ќе покрене тужба оти таква можност нема во законите и одредбите. А, тоа се гревовите за големата несреќа што ја нанесе неговиот режим на Македонија, за брзото осиромашување и исчезнување на средната класа, мизеријата и бедата што ја предизвикаа со својата тиранска страховлада, тешките човечки судбини на илјадници граѓани предизвикани од алчноста на власта и лично на Груевски, од дехуманизацијата на јавниот простор и деградирање на човековата околина. Нема казни за запирањето на демократските процеси и враќањето назад кај што никогаш не сме ни биле. Како може да се измери казната за политичка интервенција во науката со потрага по пославно минато, за маргинализација на словенството и процут на антикоманијата, за нејзиното заостанување зад сите соседи. Тоа се причините кои доведоа до слабеење на позициите на Македонија кои мораа да завршат со компромис за да се избегне распадот на државата и да се обезбеди нејзината стабилност и развој со членство во НАТО и во ЕУ кое е неможно без отстапки. За тоа Груевски и неговите соработници и извршители, неговата партија никогаш нема да одговараат.

Ако овие злосторства се заборават и не влезат во колективното памтење на граѓаните на Македонија и тие стануваат соучесници во враќањето на Никола Груевски на тронот, или на некој негов следбеник сеедно, кога станува збор за истите политики. Политичките партии и лидери кои заговараат континуитет на начинот на владеење на Груевски и кои не се оградуваат од злоделата на своите претходници, кои бараат амнестија и неказнивост за тешките престапи и ограбување на граѓаните, мора да ја почувствуваат казната на јавноста во долг период додека не ги признаат грешките и не се извинат на граѓаните и додека не ги отплатат гревовите. Нивното денешно учество во попречување на правдата затскриени зад борбата за слобода на криминалците и за изгледноста за подобар договор со Грција е најголемата штета која ѝ се нанесува на Македонија.

Додека го чекаме следниот извештај од Будимпешта што ќе појадува и руча Груевски, со кого ќе биде во друштво и дали вмровските дејци ќе почнат да одат кај него на поклонение, како што одеа кај Љубе Бошкоски во Шевенинген , па потоа го сместија на робија потешка стопати од онаа за воени злосторници, актуелната влада и мнозинството во парламентот треба да ја разберат суштината на политиката дека власта ќе биде најголемиот виновник ако не успее да го оствари тоа за што им е даден мандатот: уставни измени, членство во НАТО и отпочнување преговори со ЕУ. Не се работи за макијавелизам дека целта ги оправдува средствата за да се дојде, или остане на власт, туку целта ги оправдува средствата да се направи демократска и просперитетна европска Македонија.