Што ќе натежне – гласовите „за“ или цензусот ?!

Што ќе биде ако на 30 септември на гласање излезат, на пример, 890 илјади граѓани и 800 илјади од нив заокружат „да“? Дали таа респектабилна поддршка за договорот за името и за членството во ЕУ и во НАТО може да отиде во ветар само поради тоа што на референдумот не излегле барем 903 илјади гласачи? Последните испитувања на пулсот на гласачите за учество на претстојниот референдум укажуваат на голема веројатност на референдумот да се прокнижат резултати приближни на овие – на самата граница на уставно предвидениот цензус од над 50 проценти излезеност, но со јасно изразена потврда на референдумското прашање.
Теоретски, е можна и поинаква ситуација – на пример на гласање да излезат 904 илјади избирачи (нешто повеќе од потребната бројка од над 903 илјади) и околу 500 илјади од нив да гласаат „за“. Во таков случај, референдумот би бил валиден според двата параметри (цензусот и мнозинското гласање „за“), иако одговорите „да“ би биле за дури неколку стотици илјади помалку од претпоставена поддршка од 800 илјади, но при помала излезеност.
Ваквите контроверзии околу можните референдумски резултати наметнуваат дилеми каков исход од гласањето може да обезбеди најголема релевантност на договорот со Грција како гаранција за евроатлантските перспективи на државата. Односно дали цензусот мора да биде пресуден параметар за успешноста на изјаснувањето и тоа во ситуација кога избирачкиот список не е сè уште прочистен целосно, така што на прагот на излезеност влијае и големата бројка на граѓани што се иселија во изминатите години и за кои е мала веројатноста во поголем број да бидат присутни во земјава на 30 септември. Затоа, постигнувањето на цензусот е и натаму неизвесно, додека многу поизвесно е дека гласовите „за“ ќе бидат многу повеќе од гласовите „против“.
Последните испитувања на јавното мислење, од кои дел се објавуваат во јавноста, а дел се прават за потребите на политичките субјекти, според информациите, укажуваат дека е реална можноста излезеноста на референдумот да биде солидна, па и приближна на потребните над 50 проценти одѕив. Расположението за учество на референдумот бележи осцилации во изминатиот период. Сепак, очекувањата се дека ќе се зголемува бројот на заинтересирани за гласање, меѓу другото и поради загревањето на кампањата и дипломатската офанзива што се одигрува деновиве во земјава.
Во најновата анкета на МЦМС, 57,8 проценти од испитаниците се изјасниле дека ќе излезат на референдумот, а 28,8 рекле дека нема да учествуваат. Од оние што се изјасниле дека ќе гласаат 70,8 рекле дека ќе се изјаснат „за“, а 14,8 „против“. Според проценките на МЦМС, во споредба со претходната анкета од август, се бележи пад на можната излезеност (од 66,6 отсто на 57,8 отсто или намалување од 8,8 процентни поени). Од друга страна, има пораст на бројот на испитаници кои се веќе определени да не излезат на гласање на 30 септември (од 19,8 на 28,8 проценти или разлика од девет процентни поени).
Од МЦМС посочуваат дека е неизвесен цензусот на референдумот, и покрај тоа што и оваа анкета упатува на можноста тој значително да биде надминат, со оглед на тоа што 57,8 проценти од испитаниците се изјасниле дека ќе излезат на гласање. Според проценките на МЦМС базирани на резултатите од последната анкета, во овој момент е можна излезеност од околу 46 проценти што би значело околу 830 илјади гласачи.
– Анкетните резултати натфрлаат во процената на излезеност бидејќи Избирачкиот список е значително поширок од населението на кое се базира истражувањето. Реално е да се очекува дека коригираната проекција на излезеност од 46 се движи помеѓу 43 и 49 проценти имајќи ги предвид маргините на статистичка грешка од плус-минус три проценти. Оттука, излезеноста се приближува до потребниот цензус, но е неизвесно дали ќе се достигне имајќи ја предвид активната кампања која повикува за бојкот – анализираат од МЦМС.
Оттаму заклучуваат дека кампот „за“ е поголем од оние што се изјаснуваат „против“ и оние што активно нема да гласаат, односно ќе бојкотираат. Сепак, предупредуваат, на оние што ќе бојкотираат им се придодаваат политички незаинтересираните граѓани и оние што од други причини ќе бидат спречени да се изјаснат на референдумот.
Тоа што референдумот е консултативен, односно нема обврзувачки карактер се смета за олеснителна околност во случај на солиден одѕив на 30 септември, кој сепак не би значел постигнување на предвидениот цензус. Во таков случај, доколку има респектабилен број гласови „за“, очекувано е да продолжи спроведувањето на договорот со Грција. Во случај повеќе стотици граѓани да заокружат „да“ и тој скор да е значително поголем од гласовите „не“, и од опозицијата или барем од дел нејзини пратеници се очекува флексибилност и конструктивност во обезбедувањето на потребното двотретинско мнозинство за уставни измени, независно дали одѕивот ќе биде над 50 проценти. Иако ВМРО-ДПМНЕ сè уште нема дефиниран и унифициран став околу (не)учеството на референдумот, од партиското раководство најавија дека за нив ќе биде обврзувачка гласачката волја искажана на 30 септември.

Лекција од Лондон: Британците се премислуваат за Брегзит

Во период кога во земјава се решава практично меѓу изолација или понатамошна интеграција во НАТО и во ЕУ со поддршка на договорот за името, интересни се информациите од Велика Британија според кои сега има воочлива промена на расположението кај Британците во однос на излегувањето од Унијата. Британците, според тамошните анкети, би избрале да останат во ЕУ ако сега им се даде опција да избираат.
Најновите анкети во Британија сега покажуваат највисока поддршка за членството на ЕУ од референдумот во 2016 година. Вкупно 59 отсто од гласачите би гласале за да останат во Унијата, додека 41 проценти се одлучни да заминат, покажува истражувањето објавено како дел од академскиот извештај од истражувачките тела „Наткен“ и „Обединетото Кралство во Европа која се менува“.
Само пред две години, кога гласачите излегоа на референдумот во јуни 2016 година, 48 отсто гласаа да останат, а 52 отсто гласаа да заминат. Споредбата на различни анкети покажа дека повеќе од 2,6 милиони луѓе што ја напуштија својата поддршка за Брегзит сега би останале во ЕУ. Ако таа бројка гласаа за останување во 2016 година, Велика Британија сè уште ќе беше членка на ЕУ.

Александра М. Митевска