Швајцарци ќе ни помагаат да запре прислушувањето

Професионализација на безбедносните служби, парламентарен надзор и граѓанска контрола врз нивната работа, како и функционалност на безбедносниот систем се клучните промени во безбедносниот сектор во државава што треба да се имплементираат најдоцна до 2020 година. Пакетот закони за реформи во системот на следење на комуникациите се важен сегмент во оздравувањето на болното општество, но видливите недостатоци во законските мерки не придонесуваат за стекнување целосна доверба во системот. Од Владата се очекуваат конкретни чекори во реформирањето на разузнавачките служби.

Ова се дел од предупредувањата на безбедносните експерти што ги консултиравме. Реформите во разузнавачките служби, судството и јавната администрација се трите клучни сектори, кои европските претставници редовно ги нотираат во своите извештаи како услов за напредок на процесите во Македонија. Во исполнувањето на таа цел ќе помага и Центарот за демократска контрола на вооружените сили во Женева (ДКАФ), чиј директор Томас Гурбер вчера потпиша меморандум за разбирање со македонската Влада.

Двете тела ќе ја имплементираат програмата за реформа на секторот на разузнавачките служби на Македонија за периодот од 2017 до 2020 година. Со договорот се воспоставува рамка за стратегиска соработка меѓу Владата и ДКАФ за остварување добро управување во безбедносниот сектор“, соопштуваат од „Илинденска“.

Центар за демократска контрола на вооружените сили во Женева е една од водечките институции во областа на реформите и управувањето со безбедносните сектори. Тие даваат советодавна поддршка и практична помош на терен, развиваат и промовираат соодветни демократски норми на меѓународно и национално ниво, застапуваат најдобра пракса и предлагаат политики што овозможуваат демократско управување во секторот на безбедноста. Партнери на ДКАФ се владите на државите, парламентите, цивилното општество, меѓународните организации и еден куп други актери од секторот на безбедноста, како што се полициски, судски и истражувачки агенции, гранични безбедносни служби и вооружените сили.

Пред три недели во Собранието со консензус беа донесени законите за Оперативно-техничката агенција (ОТА) и за следење на комуникациите, со кои се очекува да се спречи незаконско прислушување, како тоа што ја потресе земјава пред три години. Со измените се предвидува следењето на комуникациите да се врши преку новата независна институција ОТА, а не преку Управата за безбедност и контраразузнавање, како што беше досега. ОТА ќе го активира сигналот и ќе им овозможува на овластените органи (УБК, Министерство за одбрана, МВР, ОЈО, Царинската управа и Финансиската полиција) да добијат пристап до податоците од мобилните оператори. Освен тоа, се зацврстува собраниската контрола и надзор на ОТА. Експертите за безбедност сугерираа да има попрецизни законски решенија за реформи во системот на прислушувањето, усогласување со Уставот и останатите закони, како и со нормите на Европската Унија, заштита на личните податоци на граѓаните, јасни и строги критериуми при избори за директор на ОТА и нејзините вработени и департизација на службата.

Експертите што директно учествуваа во креирањето на Законот признаваат дека меѓународните партнери инсистирале надзорот врз безбедносно-разузнавачките служби и процесот на следење на комуникациите да го вршат и странски соработници, не верувајќи во независноста на домашните стручњаци. (Г.А.)