ФЕНИ им донесе голема добивка на банките
Влегувањето на швајцарскиот инвеститор Г-СОЛ во „ФЕНИ индустри“ и рестартирањето на капацитетот за производство на фероникел, во февруари годинава, им донесе голема добивка на македонските банки. Според податоците на Македонската берза, за првиот квартал од годинава забележан е раст на прометот, а најмногу добивка оствариле Стопанска банка – Скопје, НЛБ банка и Комерцијална банка.
Нето-добивката на Стопанска банка, во однос на првите три месеци од 2017 година, е зголемена за 57,05 проценти, додека пак добивката на Комерцијална, споредено со истиот период лани, е зголемена дури за 2.377,78 проценти. Овие банки на почетокот на годинава одлучија да ги продадат своите побарувања од ФЕНИ на швајцарскиот инвеститор во висина од 15, односно 24 милиони евра.
Од Македонска барза информираат дека од котираните 101 компанија годинава добивка оствариле 67 компании. Загуба имале 34 компании, од кои најголемите се во индустријата. Во овој сектор 20 компании имале добивка, а 21 работеле со загуби.
Во првиот квартал, компаниите со позитивен биланс заработиле една милијарда денари повеќе, во споредба со истиот период лани. Меѓу десетте компании со најголема добивка се најдоа и Македонски телеком, Мермерен комбинат, Алкалоид, Охридска банка, Цементарница УСЈЕ, Макпетрол и УНИ банка. Овие 10 компании оствариле нето добивка во првиот квартал од 4.329.587.000 денари.
Од Берзата нагласуваат дека карактеристично е што во овој период од годината доминирале домашните инвеститори, додека пак странските речиси и да ги немало, а тие што се појавиле биле физички лица. Учеството на странските инвеститори во мај изнесувало 0,66 проценти, а на домашните 99,4 проценти.
Во банкарскиот сектор шест компании имале добивка, а две загуба, додека во градежништвото три оствариле добивка, а една загуба. Во земјоделството три компании имале добивка, а две загуба, додека во секторот осигурување две компании имаат добивка и ниту една загуба. Во трговијата осум компании се со добивка и пет со загуба, а во трговијата со нафтени деривати има по една и со добивка и со загуба. Во угостителството една компанија има добивка и три имаат загуба, кај услугите по десет компании имаат и добивка и загуба и во фармацевтската област две компании оствариле добивка, а ниту една загуба. (С.Н.)