Турција размислува за хемиска кастрација на педофилите
Владата на Турција ја разгледува можноста за воведување казна со хемиска кастрација на лица обвинети за педофилија, изјави турскиот министер за правда Абдилхамит Ѓул.
Најавата на Ѓул следува по неколкуте обелоденети случаи на сексуални напад врз деца во Турција во изминатиов период, од кои последниот беше на почетокот на месецов кога 20-годишен маж беше уапсен поради силување на тригодишно девојче за време на свадбена прослава.
Според Ѓул, се размислува одлуката за кастрација да ја носи суд и таа да се врши со давање лекарства што ќе ги „елиминираат“ сексуалните нагони на лицата осудени за сексуален напад врз малолетници.
Поради зачестените сексуални напади врз малолетници, турската Влада вчера донесе одлука за формирање на Комисија за борба против сексуалната злоупотреба на деца.