Студирањето тежок финансиски товар за некои семејства

Почнува пријавувањето на младите за упис на факултет. Меѓу идните академски граѓани повторно се актуелизира темата дали високото образование треба да биде бесплатно. Ваквото барање не е ново, болка беше и изминатите години. Дел од родителите велат дека позајмуваат пари само да го запишат своето дете на факултет.
„Верувам дека со високо образование син ми ќе има шанса подобро да заработува, а со тоа ќе си обезбеди и квалитетен живот. Од платите што ги земаме јас и мојот сопруг не успеваме да го минеме месецот, затоа и се задолживме да го школуваме“, вели Радојка, мајка на Даниел кој ќе конкурира за упис на ФИНКИ.
И двесте евра надомест за студии се многу за студентите кои ќе се запишуваат во државната квота. Уште поголем проблем за нив претставува доколку не бидат примени во оваа квота која е ограничена, па ќе треба да се запишат во таа со кофинансирање за која надоместокот е четиристотини евра годишно.
Дваесет и двегодишната Моника Пешевска ќе запише четврта година студии на физика на Природно-математичкиот факултет при УКИМ. Објаснува дека кога се запишувала во прва година на факултетот нејзиното семејство одвоило пари од заштедите што ги имале. Тогаш не биле вработени ниту татко ѝ ниту сестра ѝ. Среќа, вели, и секако големо олеснување за нив е што го исполнила условот во прва година да има успех над 7 и положено 80 отсто од предметите, па веќе две години добива стипендија во висина од 18.000 денари месечно. Ова е една од највисоките стипендии што се одвојуваат од Министерството за образование со цел да се стимулираат дефицитарните кадри. Смета дека државата треба да обезбеди бесплатното високо образование или намалување на надоместок за студии.
„Кога се запишував на студии, за моето семејство беше товар да издвојат пари за јас да студирам. Татко ми, кој сè уште не е вработен, парите ги одвои од претходна заштеда. Освен за студии, пари беа потребни за учебници и давачките за запишување како што е потврдата за уплата за информатички, културни и спортски активности на студентите. Јас сметам дека треба да се воведе бесплатно високо образование, пред сè за да им се олесни финансиски на луѓето. Но проблемот според мене е многу поширок од самото одвојување средства за бесплатно студирање. Во државата има огромен број млади со завршен факултет, а има многу невработени од нив. Треба да се подобри образованието, да се инвестира во наставните програми, учебниците. Но треба да се одвои за младите кои навистина сакаат да студираат, да инвестираат во себе. На тие млади луѓе треба да им се олесни студирањето и, ако не може да се обезбеди бесплатно образование, да се постават критериуми уште во прва година. Сумата за студии да биде до 200 евра“, вели Пешевска.
Суарет Алишан од Иницијативата „Пет до дванаесет“ вели дека од исклучителна важност е државата да обезбеди бесплатно образование за младите, меѓутоа посочува дека за оние што имаат попречености, а студираат на факултетите, потребна е асистивна технологија.
„На дел од факултетите каде што студираат младите со попречености нема асистивна технологија, нема Брајова машина, нема целосна соодветна тонска литература“, додава Алишан.
Од Младинскиот образовен форум велат дека воведувањето на бесплатно високо образование е прашање кое треба да се третира многу сериозно од причина што неговото имплементирање нема да влијае само на образованието туку на пошироко општествено ниво.
„Наместо воведување бесплатно високо образование во условите во кои се наоѓа нашата земја, можеби првично треба да се запрашаме кои измени треба да бидат направени во образовниот систем во Македонија со цел да се подобри квалитет на образованието, но и стандардот на студентите. Студентскиот стандард е неопходно да ги опфаќа и категориите како школарина, квалитет на живот, културен живот на младите, работни места за млади, наспроти систем кој само ги препознава потребите на домување и стипендии на студенти. Во моментов е потребно факултетите да имплементираат и финансиски олеснувања за студентите што припаѓаат на ранливи категории односно да обезбедуваат нивно ослободување од школарина, како и ослободување од школарина на талентираните ученици кои постигнуваат висок успех. Дополнително, факултетите треба да водат сметка и за рамката во која се движат трошоците на студентите кои се појавуваат покрај школарината, како трошоци за материјали за работа, трошоци за дополнителна литература и непланирани трошоци кои се јавуваат во текот на академската година“ велат од МОФ.
Од Министерството за образование подвлекуваат дека со Законот за високо образование, кој е усвоен неодамна и се применува, јавните високообразовни установи не наплатуваат партиципација за лица без родители помлади од 26-годишна возраст доколку се невработени и лица со инвалидност. Согласно уредбата што ја донесува Владата по предлог на Националниот совет, партиципација не се наплатува ни за воени инвалиди, лица растени во домови, напуштени деца доколку се невработени.
„Како поддршка при студирањето на студентите кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, Министерството за образование и наука во рамки на програмата за стипендирање секоја година доделува стипендии за оваа категорија студенти, а исто така, постојат и олеснувања доколку ги користат услугите на државните студентски домови, односно истите, под прецизно наведени критериуми во Законот за студентскиот стандард, се ослободуваат од партиципација за сместување“, објаснија од МОН.
Во конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии на студиските програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во учебната 2018/2019 година стои дека овие кандидати се запишуваат надвор од квотата, најмногу до 10 отсто од вкупниот број редовни студенти на соодветниот факултет утврден во конкурсот. Средствата за партиципација на овие лица се покриваат од буџетот на државата.
Вероника Мароска-Леова