Струмичани на протестен марш на 16 јуни – И без цијанид „Иловица“ ќе убива
Еколошкото здружение „Здрава котлина“ подготвува голем протестен марш на 16 овој месец, од струмичкиот плоштад до седиштето на концесионерот на рудникот Иловица – „Еуромакс Рисорсис“.
„Најдоа правен основ за затворање на ‘Казандол’. Очекувавме дека ќе се раскине договорот и за “Иловица’. Но, мај дојде и помина. Затоа во прогласот за протестот велиме дека е време Струмица и струмичко да се соочат со реалноста затоа што развојот на настаните ни раѓа сомнеж дека зад грбот на јавноста се крои судбината на регионот кој е изложен на огромна опасност“, ни изјавија од „Здрава котлина“.
Еколошките друштва се цврсто уверени дека не е само цијанидот, за кој „Еуромакс Рисорсис“ рече дека нема да го користи, тоа што го прави овој рудник смртоносен за регионот.
„Погубни ќе бидат последици за животната средина, за земјоделието, за економијата, за животите и здравјето на луѓето. Ќе има до три минирања неделно, така што за 23 години ќе употребат 65.000 тони АНФО експлозив. Знаете ли колку штетна прашина ќе паѓа врз посевите, луѓето и земјата. А, со ветрови ќе се пренесува и подалеку. Или хидројаловиштето – па тоа ќе биде 6-то највисоко во свет. Ќе се појави проблем со водата, зашто ќе има загадување на подземните води. Има многу сериозни забелешки, сите сме ги кажувале и пак ќе ги повториме. Вкупно 99 отсто од населението од регионот е против рудникот, и покрај силните напори на инвеститорот да убедува со сите сили и средства. Во услови на сиромаштија, лесно е да им ветуваш на луѓето подобра иднина, макар и по цена на здравјето“, вели претседателот на здружението Стојан Велков.
Последната средба со Владата им била пред неколку недели. Тогаш било договорено Здружението со правен тим да изготви правно издржано мислење, врз основа на кое би се преземале натамошни постапки.
„На протестот освен што ќе го презентираме основот по кој треба да се раскине и овој договор за концесија, сакаме да му порачаме на „Еуромакс Рисорсис“ дека не се добредојдени и дека се впуштаат во криминална постапка. Тие требало уште во 2016 да завршат со барањето за градба, а не го направиле“, ни изјави Велков.
Хидројаловиштето-брана висока 276 метри
Проектот треба да покрива површина од околу 500 хектари во рамките на концесиски простор од 1.500 хектари. Предвиден е рудник со површински коп, рудата ќе се вади и дроби, ќе оди во флотација за отстранување на минералите што содржат бакар и злато, ќе се користи лужење за екстракција на златото од дел од рудата која поминала низ флотација. Потоа излужениот раствор со злато ќе се обработува на самата локација за да се произведат прачки од получисто злато, а концентратот на бакар ќе се транспортира до топилница во Бугарија. Хидројаловиштето е брана изградена на река Штука, висока 276 метри, со која 4 километри од природниот тек на Штука ќе ги снема. Предвидени се две зони со помошни објекти и магацини, го објаснуваат проектот од „Здрава котлина“.
„Еуромакс“: Ќе отвориме 488 директни работни места
Компанијата „Еуромакс Рисорсис“ го објави списокот на директни работни места во проектот „Иловица-Штука“. Најави дека има стратешка определба да вработува локалното население на кое ќе му обезбеди и сеопфатна обука за работните места. Има вкупно 488 работни места, во рударство, администрација и набавки, во фабриката, јаловиштето и во инфраструктурата, предвидени се и лекар, болничари и медицински сестри, како и 35 луѓе за безбедност и 15 за животна средина.
„Истовремено со почетокот на работењето на рудникот во Иловица – Штука, ќе се отворат и три пати повеќе дополнителни индиректни работи места за локалните добавувачи, како резултат на определбата на компанијата, да соработува со локалните компании“, соопшти компанијата.
Анита Салтировска