Страв за податоците оти уште нема казни за платите објавени пред две години

Граѓанските стравувања никогаш не се ирационални. Подучени од минатото и неуверени дека сегашноста е сосем спротивна на она што го доживеале, граѓаните генерално се против можноста Управата за јавни приходи и Царинската управа да имаат постојан увид во нивните банкарски сметки. И не е само обично потсетување дека и покрај тоа што законски беше недозволено, во 2016 година медиуми блиски до ВМРО ДПМНЕ објавија лични податоци за примања на физички лица, вработени главно во невладини организации. Дали податоците излегоа од УЈП или од друго место, ниту две години подоцна не се знае. За случајот беше покренат и јавнообвинителски акт, ама исход нема. Ни санкции.

„Мене не ме чуди тоа што во 2016 година излегоа такви лични податоци во медиуми. Целиот државен апарат беше партиски октопод, и за тоа падна ВМРО-ДПМНЕ, затоа што сите институции работеа за нивната програма а правната држава се заснова на контрола на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ тоа никогаш не го разбра а и не му одговараше да го разбере. Се надевам дека тоа е период кој што остана зад нас“, вели професорот Гордан Калајџиев.

Тоа што како општество уште немаме дорасчистиено со груевизмот и што новата власт не гине за правна држава, како што ни ветуваше, според Калајџиев укажува оти тој тип партиски злоупотреби не се елиминирани.

„Но борбата против злоупотребите не може да оди дотаму да се оневозможат органите воопшто да имаат овластувања. Тоа би било прескапа цена. Таа борба оди на два различни колосека. Ниту едната е напредната ниту другата. За жал, нема истражувања дали во нашето општество ризикот што го сносиме, за органите да имаат можности за ефикасни истраги, ќе даде резултат или е само неоснована можност за полесни злоупотреби. Но во Македонија нема кој да се занимава со такви истражувања за да видиме дали ризиците по приватноста што ги даваме за сметка на ефикасноста и борбата против даночно затајување, перењето пари и криминал, се исплатат. Без истражување, никој не може да тврди дека можните злоупотреби, кои како врв ги имавме во груевизмот, се пречка за контроли“, укажува Калајџиев.

Нему му е прифатлива опцијата УЈП да има пристап до податоците на обврзниците во банките, зашто тоа им овозможува да ја вршат својата функција.

„Злоупотребите треба да се докажуваат, кој и зошто ги давал податоците. Ако тргнеме од тоа дека секоја овластување може да се злоупотребува, тогаш на никого не треба да му дадеме овластување. Во случајов логично, оправдано и разумно е предложеното законско решение“, вели Калајџиев. А за да не се случуваат незаконски упади во приватноста, Калајџиев посочува оти е потребно од професионална администрација, вклучително и управа, до санкционирање на конкретни случаи на прекршување на регулативата.

„Има нов закон за заштита на лични податоци, кој не знам зошто уште се чува и е подолго време во дебата, има и нова европска директива во врска со заштитата на личните податоци. Мислам дека луѓето, па дури и институциите, не се доволно запознаени со овие правни новини. Генерално, заштитата на лични податоци во Македонија од една страна е дигната на уставно начело, а од друга страна луѓето не го разбираат, и за многумина е табу што е личен податок, па кој може да ги користи. Злоупотребите произлегуваат од тоа што граѓаните уште немаат доволен сензибилитет, а органите немаат доволно професионалност за ова прашање. Ова се детски болки на системот, особено кај личните податоци“, заклучува Калајџиев.

За Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, личните податоци за приходите на граѓаните не смеат да бидат оставени на увид на која било институција ан блок, како што се планира да се направи.

„Просторот за манипулација е многу голем, особено тргнувајќи од фактот дека ние се соочивме со такви примери, кога вработени во УЈП, по нечија наредба, ги испраќаа податоците за нашите лични приходи до медиумите. Ние поднесовме и кривична пријава против УЈП, но се води постапка само против медиумот што ги објави зашто Обвинителството воопшто не покрена постапка против УЈП, што е мошне разочарувачки бидејќи медиум е една работа, а институција е друга“, вели Пировска.

Незиниот став се надоврзува на тврдењата дека на дискусијата за и против увидот во банкарските сметки не треба да се гледа еднодимензионално. Стравот кај населението почива врз проблемот со неказнивоста во политички мотивираните случаи.

„Мислам дека ова е поткревање на границата до која може да се оди кога станува збор за упад во приватноста на граѓаните во нивните лични податоци и секако кршење на нивните права. Просторот за злоупотреби секогаш ќе биде многу широк при вакви состојба на работите, особено ако се има предвид свеста на нашите политички партии. Никогаш не можеме да знаеме со какви сè инструменти политичките партии кои се на власт можат да се свртат кон оние што ги критикуваат. Граѓанските организации се особено на удар, (ние бевме под финансиски контроли со месеци во процесот на десоросоидација), така што апсолутно сметам дека Владата треба сериозно да се преиспита на што личат ваквите постапки, дали личат на постапки на демократска држава или на режим каков што беше оној претходниот“, смета Пировска.

Анита Салтировска