Стопанската комора бара повторно да се одложи примената на Правилникот за лифтови

Компаниите не можат да ги исполнат условите од  Правилникот за лифтови кои предвидуваат вградување дополнителни уреди вредни најмалку 5.000 евра и технички речиси неизводливи. Поради тоа, бараат средба со Владата за негово повторно одложување.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, условите што ги наметнува Правилникот важат и за помодерните, релативно нови лифтови, од 2008, 2009, 2010 година, зашто и дел од нив ги немаат бараните уреди. Вака дефинираната регулатива, иако базирана на европските стандарди, не се почитува во целост и во голем број земји-членки на ЕУ.

– Една ставка од членот 68 на Правилникот бара поставување уред за заштита од неконтролирани движења на кабината нагоре. Ако оваа обврска се примени, ќе значи голема инвестиција или трошок од минимум 5.000 евра што ќе го сносат станарите. Ако, пак, се изземе од Правилникот и не се примени, нема да дојде до нарушување на функционалноста и безбедноста на лифтовите, истакна Даниела Михајловска Василевска од Комората.

Според претседателот на Групацијата за лифтови Димче Поповски, Правилникот треба да се одложи зашто нема услови за негова примена, а детектирани се и многу пропусти, како и слабости во повеќе сегменти, вклучувајќи го и сервисирањето.

– До 2019 година сите лифтови треба да се адаптирани на Правилникот, но тоа е едноставно невозможно. Се работи за дополнителни инвестиции од најмалку 5.000 до 10.000 евра без кои секако функционалноста и безбедноста на лифтовите нема да се наруши, напомена Поповски.

Групацијата за лифтови од 2009 година бара и лиценцирање на компаниите за лифтови, но досега, како што информира Поповски, нема никаков исход.

Правилникот, пак, за лифтови е донесен на 24 февруари 2009 година. Две години, од 2016 до 2018 година примената на членот 68 беше одложена, но во овој период проблемот не се надмина.

Во Македонија со оваа дејност се занимаваат околу 20 компании.