Српските банки не се откажуваат од надоместот за обработка на кредити
Српските банки тврдат дека немаат намера да се откажат од наплатувањето на трошоци за обработка на кредити и покрај двете правосилни судски пресуди во кои е заклучено дека тие немаат право да го наплатуваат овој надомест.
Според претседателот на Здржението на банките на Србија, Верољуб Дугалиќ, банките немаат причина да се откажат од наплатата на овој надомест, затоа што ги штити законот.
– Апелацискиот суд не беше во право кога се повика на Законот за облигациски односи, затоа што тој Закон на банките не им забранува наплата на трошоците за кредит, вели Дугалиќ.
Апелацискиот суд во Белград донесе две пресуди во кои се тврди дека банките немаат право да наплатуваат надомест или провизија за обработка на кредити.
Според Дугалиќ, ваквите пресуди се последица на тоа што „Србија има проблем со владеењето на правото и правосудството“.
Тој нагласува дека пракса за наплата на трошоците за обработка на кредитите постои и во државите од балканскиот регион и во земјите од ЕУ.
Според него, во Србија тој надомест изнесува од 0,5 до еден отсто од висината на кредитот, во Хрватска еден отсто, во Македонија од еден до 1,25 процети, а во Алванија и Црна Гора од еден до 1,5 отсто.