Се пресметува дали општините можат да преземаат нови надлежности

Работна група формирана од Владата проверува дали општините имаат доволно пари да ги финансираат надлежностите кои им се пренесени со децентрализацијата. Не е целта да им се одземат надлежности, зашто тогаш нема фискална децентрализација, вели Ширет Елези, заменик-министер за финансии.

„Тоа би било враќање назад и непочитување на европската и домашната регулатива. Целта е да се намали товарот на државата и да се префрлат повеќе надлежности на општините. Ако во 2005 година вкупниот удел на приходите на општините беа само 1 отсто од БДП или под 5 милијарди денари, сега општините се над 5 отсто во БДП и реализираат приходи од над 30 милијарди денари. Централната власт треба да биде само мониторинг, а реализација на инфраструктурни и стратегиски проекти треба да прави локалната власт, која многу подобро може да дава услуги на граѓаните“, објаснува Елези.

Меѓуресорската група, во која покрај другите има и претставници од Министерството за финансии но и меѓународен експерт, треба да предложи нови модели за финансирање на општините, согласно најдобрите практики во ЕУ. Следува ревидирање на постоечките уредби за распределба на блок-дотациите за образование, детска заштита, култура. Краен резултат треба да биде зголемување на финансискиот капацитет на општините, што е и програмска определба на Владата, како услов за успешно извршување на надлежностите на општините и обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните. Што значи, општините ќе добиваат повеќе пари, но ќе имаат и зголемена контрола од централната власт.

„Има општини што уште не ги презеле надлежностите во културата. Во следната фаза се планира и примарното здравство да им се даде на општините, но треба да бидеме претпазливи во делот на моделот за финансирање, иако и самите општини се веќе посвесни отколку на почетокот на децентрализацијата“, укажува Елези.

Во проектот е вклучена и УНДП во делот на финансирање иновативни решенија во фискалната децентрализација. Новиот модел за финансирање треба да ги избегне опасностите на повторна голема задолженост на општините, кој почна од 2009 година, кога надлежностите со средното задолжително образование ѝ беа предадени на локалната самоуправа. Натрупаните долгови треба да ги преполови законот за финансиска поддршка донесен лани, во услови на 20 општини со блокирани сметки и блокирани буџетски корисници, училишта. Елези вели дека првичниот план за кредит од 120 милиони евра за чистење на долговите на општините не бил реализиран оти регулативата не дозволуваше општините со блокирани сметки да бидат дел од корисниците на овие пари.

„За помош на општините беа одвоени 3,032 милијарди денари, за плаќање на 51 отсто од пријавените обврски. Заклучно со септември 2018 година, општините, државните институции, акционерските друштва во државна сопственост , јавните претпријатија пријавија над 18,8 милијарди денари неисплатени обврски, а долговите на општините беа над 5 милијарди денари, додека 950 милиони денари беа долговите на буџетските корисници основани од општините (градинки, основни и средни училишта, противпожарни и друштва од култура). Децентрализацијата почна во 2005 година, но увидовме пропусти во финансирањето на надлежностите, посебно со спојувањето на руралните кон урбаните општини, кога беа префрлени и нивните долгови. Втор проблем беше што во 2011 година Министерство за финансии не ја префрли последната рата од блок-дотациите на општините и со тоа пролетта 2012 година, кога се зголемија и цените на енергентите, општините имаа проблем со плаќање на обврските за греење и за превоз на ученици“, објаснува заменик-министерката дел од причините за трупањето долгови кај општините.

Посебните сметки на сите општини каде што се префрлени парите за раздолжувањето беа отворени на крајот на 2018 година, општините објавија јавни повици за пријавување на побарувањата, а приоритет на влез на листите за раздолжување требаше да имаат оние фирми што се откажаа од камата и до 15 отсто од главницата. Министерството за финансии ги следи исплатите преку трезор. Ако на некои општини не им се потребни толку средства колку што им се доделени, можат да ги вратат во буџетот. До крај на ноември општините треба да ја информираат Владата за искористените средства.

„Општина без долгови нема“, вели Елези, „но има такви што тековно ги исплатуваат обврски, како на пример Велес“.

Заедно со регулативата за преполовување на општинската задолженост, била направена и измена на регулативата за да се види колкав е вистинскиот финансиски капацитет на општините.

„Променета е дефиницијата на сопствените приходи на општините, во кои влегуваат даночни и неданочни приходи, капитални приходи и трансфери, но исклучен е трансферот на ДДВ, со цел да се увиди колку општината може да собере сопствени приходи за пореално да можат да планираат буџети. Некои општини се под просекот на национално ниво и сопствениот буџет го реализираат до само 32 отсто. Тоа е резултат на немање фискална дисциплина. Иако има и општини што го реализираат планираниот буџетот над 90 отсто“, укажува Елези.

Блок-дотациите за општините од 2009 до 2017 година не надминуваат 2 проценти. Во 2018 во споредба со 2017 година има зголемување од над 6,4 отсто, а во 2019 споредено со 2018 од 5,7 отсто. Тоа се над 50 милиони евра со кои им се помага на општините во последните три години. Во структурата на општинските буџети, од 50 до 51 отсто се трансферите што ги добиваат од централната власт, како блок-дотации за образование, детска заштита, култура и противпожарна заштита. Од вкупно собраниот ДДВ, општините добиваат 4,5 отсто. Или, во 2006 добивале 813 милиони денари, а во 2019 година тој износ е зголемен на 2,2 милијарди денари.

Иако не кажува дали ќе има зголемување на процентот на ДДВ за општините, Елези вели дека за намалување на нееднаквиот развој на 8. плански региони, веќе е зголемен износот на пари што го добиваат од централниот буџет за регионите кои финансираат инфраструктурни проекти на општините. Ако во 2016 година беше 225 милиони денари, сега е 512 милиони. Зголемени се и парите од капитални дотации за општините, од претходните 400 милиони, на една милијарда денари.

„Се зајакнуваат и другите финансиски механизми. Зголемени се средства од закупнина на земјоделско земјиште, а во делот на наплатата на данок на имот, (данок на недвижен имот), има услов, ако општините имаат над 80 отсто реализација, добиваат 50 отсто плус пари“, вели Елези додавајќи дека над 30 општини, како Боговиње, општините во Градот Скопје, и Велес постигнуваат ваква наплата преку реоценки на вредноста на недвижностите. Заменичката посочува дека се прават анализи и во делот на стапките на данокот на имот и методологијата за вреднување на недвижностите бидејќи се одамна донесени, но дека уште нема ништо конкретно, и дека и со новата регулатива пак ќе им се остави на Советите на општините да одредуваат конкретна даночна стапки од даден распон. За кредитната задолженост на општините, појаснувајќи дека општината може да се задолжи не повеќе од 30 отсто од реализација на тековните расходи во претходната година, вели дека лани општините за кредити платиле 274 милиони денари, што е 2 отсто од вкупниот буџет на ЕЛС.

„За успешно спроведување на фискалната децентрализација, градоначалниците треба да ја подобрат наплатата на локалните даноци, но и да ја зголемат фискалната дисциплина преку намалување на непродуктивните трошоци, а пред сè да бидат транспарентни и отчетни пред јавноста за трошењето на јавните пари, собрани од страна на граѓаните“, посочува заменик-министерката за финансии Елези.

(А.С.-А.М)