Се појави видео од ликвидацијата на Гркот во кого пукаа албански специјалци


Албанските медиуми објавија видеоснимка од ликвидацијата на етничкиот Грк, Константинос Коцифас. Како што објави албанската телевизија „Репорт ТВ“, снимката е направена во еден објект и од прозорецот се гледа како Коцифас се шета на улица со „калашников“ во рацете, а потоа се слушаат истрели.

Убиството на Кацифас на албанско-грчката граница од страна на припадниците на албанската специјална единица „Ренеа“ предизвика заладување на односите меѓу Атина и Тирана.

Албанската амбасадорка во Атина, Адријана Хобдари, која вчера попладне била повикана во грчкото Министерството за надворешни работи, за албанските медиуми изјави дека на средбата и бил соопштен ставот на Грција во врска со инцидентот, кој пак таа го проследила до албанското Министерство.

Двете страни, кога станува збор за убиениот Кацифас (35), имаат сосема спротивни ставови, албанската дека тој е екстремист и терорист а грчката дека е обичен граѓанин.

Албанските медиуми го нарекуваат грчки екстремист со радикални убедувања, кој бил припадник на специјалните грчки армиски трупи.

Кацифас (35), албански Грк кој имал и грчко државјанство, според Тирана, ги повикувал Грците кои живеат главно во јужиот дел на Албанија на „ослободување“ на овој дел, кој Грците го нарекуваат Северен Епир.

Албанскиот историчар Арбен Лала тврди дека убиениот е дел од тајната милиција на организацијата за ослободување на Северен Епир.

– Гркот кој е убиен на граница е дел од тајната милиција на организацијата за автономија на Северен Епир. Добро би било полицијата на Албанија да упати барање до безбедносните органи на Грција со кое ќе побара информации кои ги поседуваат за него. Грција располага со документ за тоа, изјави Лала.

Според него, на својот Фејсбук профил Кацифас имал објавено знаме на Северен Епир и пишувала „Слобода за Северен Епир: Слободата не се дарува, туку се добива со војна“.

Според албанската страна, Кацифас со „калашников“ пукал кон албански полицајци што сакале да го тргнат грчкото знаме поставено на воените гробишта кај селото Буларат, недалеку од границата со Грција, при што во престрелката бил убиен.

Кацифас бил разведен и имал 13-годишна ќерка. Неговите две сестри подолг период живеат во Грција.