СДСМ (на)влегува во правосудната фела


Владејачките СДСМ и ДУИ вчера успеаја да протуркаа во втор обид три нови кадровски решенија во клучни правосудски институции , кои до скоро беа остро критикувани за пристрасност во однос на поранешната владејачка гарнитура, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Двајца скопски адвокати се предложени за нови членови на Советот на јавни обвинители – институција која ги именува обвинителите во земјава, а која деновиве беше мета на критика од американскиот амбасадор Џес Бејли поради непотизам и судир на интереси. Во Советот, во кој сѐ уште во најголем дел се кадри од времето на судирот со Специјалното јавно обвинителство, сега треба да влезат Ангел Солев (поранешен судија) и Ангеле Илиевски,кој го застапуваше Зоран Верушевски во случајот „Пуч“.

Насер Ајдари, кој во времето на владеењето на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ беше именуван за државен правобранител, пак, сега е предложен за нов член на Уставниот суд. Со неговиот избор, на пленарна собраниска седница, ќе се комплетира Уставниот суд, каде што пред неколку месеци влегоа уште двајца нови членови по предлог на шефот на државата Ѓорге Иванов. Тие беа  избрани исто така од парламентарното мнозинство, во период кога опозицијата го бојкотира парламентот. Во овој случај, според проценките, беше постигнат одреден договор меѓу владејачкото мнозинство и шефот на државата. Така, наспроти Дарко Костадиновски, кој влезе во Уставен суд директно од претседателскиот кабинет, за нов член на оваа институција Иванов го предложи и својот „критичар“ од опозициските денови на СДСМ – универзитетскиот професор Осман Кадриу. Со тоа и со очекуваниот избор на Ајдари ќе се пополни донекаде празнината што настана во однос на постоење критична маса во Уставниот суд по завршувањето на мандатите на Наташа Габер, Гзиме Старова и Исмаил Дарлишта, затоа што другите сѐ уште актуелни уставни судии се избрани на функциите за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Во ситуација кога со собраниската Комисија за избори и именувања претседава ВМРО-ДПМНЕ, преку Илија Димовски, нејзино деблокирање беше изведено така што  спикерот Талат Џафери го овласти Хари Локвенец од СДСМ да ја води седницата, а во обезбедувањето кворум помогна пратеникот Фадил Зендели од тетовското крило на Беса.

По разрешувањето на Марко Зврлевски од лавен јавен обвинител и назначувањето на Љубомир Јовески на таа функција, како и по смената на кормилото на скопскиот Кривичен суд, каде што за претседател беше именуван Иван Џолев, ова се први покрупни кадровски промени што се случуваат во сферата на правосудството. Сепак, дел од главните институции во оваа област ги предводат сѐ уште кадри од периодот кога експертскиот тим на ЕК, предводен од Рајнхард Прибе, излезе со крупни забелешки за состојбите во судството и правосудството во земјава. Така, на пример, Јово Вангеловски е сѐ уште на чело на Врховниот суд и тоа втор мандат, а Судскиот совет го раководи Зоран Караџоски.

„Од страна на неколку извори, групата беше известена дека постои атмосфера на притисок и недоверба во судството. Ова се потврди и со објавувањето на разговорите кои протекоа. Многу судии веруваат дека унапредувањето во рамките на судството е резервирано за оние чии одлуки го фаворизираат политичкиот естаблишмент. Во судската постапка не смее да постои такво нешто како што е ‘политички случај’“, се наведува, меѓу другото, во извештајот на Прибе.

Поради сложените процедури, тенкото парламентарно мнозинство, неопходноста од дистанца на извршната власт од судската и законодавната, особено во период на крупни реформи, кадровската реформа во третата власт, како и во дел од регулаторните институции засега се одвива мошне бавно. Сепак, СДСМ и ДУИ сега се во позиција, преку парламентот, да истуркаат промени и во Антикорупциската комисија, по најновата афера што изби таму со патните трошоци, за што и обвинителството отвори истрага.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го партизира судството

ВМРО-ДПМНЕ, очекувано, немаше свои претставници на комисиската седница на која поминаа новите кадровски решенија, но оттаму испратија соопштение во кое обвинија за партизација на Уставниот суд и на Советот на обвинители.

– Изборот на Ајдари, функционер на ДУИ, на испразнетото место во Уставниот суд и изборот на Солев и Илиевски кои, според пишувања во медиумите, се членови на правниот комитет на СДСМ, претставува класична партизација на овие два органи – стои во реакцијата на пратеничката група.

ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува парламентарното мнозинство и спикерот Џафери дека преку Комисијата за избори и именувања набрзина и користејќи го отсуството на опозицијата сакаат да го спроведат политичкиот пазар. Тоа, како што е наведено во партиското соопштение, е доказ дека тие не се залагаат за независно и силно Собрание и дека не им се битни реформите.

„Очигледно дека на СДСМ, ДУИ и на Џафери ниту им се битни реформите и градењето на стабилно, независно и цврсто Собрание, ниту им се битни заклучоците од извештајот на Прибе, ниту функционирањето на демократските процеси и транспарентност, туку единствено им се битни политичките пазари“, се наведува во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Александра М. Митевска