Раст на животното осигурување, намалување на премиите за имот

Осигурителната индустрија во Македонија во првиот квартал од годинава бележи умерен раст како во однос на бруто полисираната премија (БПП) и бројот на продадени договори за осигурување, така и во однос на зголемено профитабилно работење на друштвата за осигурување, пораст на капиталот, пораст на активата, на финансиските вложувања како дел од активата, како и зголемен број на вработувања, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување.

Оттаму наведуваат дека заклучно со 31 март на пазарот на осигурување активно работат 16 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, додека пет осигурување на живот.

Остварена бруто полисирана премија (во понатамошниот текст БПП) во вкупен износ од 2,36 милијарди денари, што претставува пораст од 5,17 отсто во однос на остварената од истиот период во минатата година. Во делот за неживотно осигурување остварена е БПП во износ од 2,03 милијарди денари што претставува пораст од 3,39 отсто споредено со првиот квартал од минатата година. Додека пак, бројот на склучени договори изнесува 282.158, што претставува пораст од 6,14 отсто. Кај осигурувањето на имот се забележува пад од 9,77 отсто со БПП од 484 милиони денари, а во делот на осигурување на живот, продолжува двоцифрената стапка на пораст на БПП, таа изнесува 17,88 отсто, при што остварената БПП изнесува 326 милиони денари