Растројствата во пораст, депресијата во тренд

За десет отсто е зголемен бројот на граѓани што имаат проблеми со менталното здравје. На годишно ниво на Универзитетската клиниката за психијатрија се лекуваат околу 15.000 пациенти, меѓутоа терапијата што ја добиваат е застарена. Има само еден современ лек кој е на позитивната листа, за уште еден се чека согласност од Фондот за здравствено осигурување, вели директорот на Клиниката Стојан Бајрактаров, кој нагласи дека е ограничено количеството на современиот лек кој им е достапен на пациентите. Сите растројства се во голем пораст, меѓутоа депресијата е прва на листата не само во земјава, туку и надвор. Растројствата и на детската возраст се чести, а кај дечињата е сè поприсутен и аутизмот.

„Новите генерации на лекови не и им се баш најдостапни на пациентите. Имаме само еден лек кој е од понова генерација, тоа е за определен број на пациенти. Имаме т.н. условен буџет од Фондот за здравствено осигурување и тоа е за лимитиран број на пациенти. Нашите потреби се мошне поголеми. Имаме иницијатива до Фондот, да биде воведен уште еден таков лек. Има лекови што се достапни, ама не се на позитивна листа и со тоа е лимитирана нивната достапност за корисниците на услуги“, рече Бајрактаров.

Како причини за ментални нарушувања лекарите ги наведуваат модерниот начин на живот, трансформација на општеството во последните години и егзистенцијалните проблеми кои се сè почести и влијаат на здравјето. Подигањето на свеста посебно меѓу младите и намалувањето на предрасудите дека може да се побара помош според лекарите придонесува таа бројка да биде голема.

Бајраков вели дека со капацитетите што ги има на Клиниката ги задоволуваат потребите на пациентите. За Националната стратегија за унапредување на менталното здравје 2018-2025 година, која ја промовираа вчера, надлежните се надеваат дека ќе биде суштествен почеток за понатамошни реформи во однос на развивање на систем за ментално здравје. Посебен акцент се става на потребата да се отворат нови сервиси за ментално здравје, ама и да се подобрат постоечките.

„Една од важните цели е зајакнување на научно-истражувачката дејност. Треба да работиме на процесот на децентрализација, регионализација на сервисите за ментално здравје, намалување на бројот на болничките кревети и деинституционализација. Треба да направме и систем на реформа на финансирањето, пред сè во вложување во едукација на човекови ресурси, во условите во сите психијатриски установи. Поинтензивно да работиме на воведување на нови генерации на лекови, да ги следиме европските и светските трендови“, подвлече Бајраков.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека пред две недели на седницата на Влада поминал новиот акциски план што е во рамки на стратегијата за ментално здравје.

„Сакаме овие услуги да ги приближиме поблиску до пациентите и нивните средини на живеење, поблиску до нивните домови, заради тоа што сметаме дека на тој начин значајно ќе се подобри и пристапот и квалитетот на здравствената услуга. Сакаме да ги скратиме значајно престоите во болница, а терапијата пациентите да ја добијат во своите домови. Одиме кон процес на деинституционализација“, изјави Филипче.

Додека се работи на подобрување на начинот на кој пациентите со нарушено ментално здравје ги добиваат здравствените услуги, незадоволството за неплатениот труд, приватните специјализанти на Стоматолошки факултет ги натера да излезат повторно на протест пред Министерството за здравство. Бараат писмена гаранција дека ќе добијат пари за нивната работа.

„Беше ветено дека ќе биде од септември оваа година, меѓутоа сè уште нема. На последната средба ни беше кажано дека нема ни пари за тоа. Незадоволство има, бараме рамноправен третман, како и другите специјализанти и ние придонесуваме со работа на Клиниката за стоматологија“, рече специјализантка по стоматологија.

„Дадена усна форма не значи ништо, нема никаква тежина. Нашето барање е да се даде ветување во писмена форма за да можеме да преговараме и да знаеме што ние бараме и кои се ветувањата на министерот“, рече специјализант по стоматологија.

Министерот уверува дека проблемот на приватните специјализанти ќе се реши и исплатата за нивната работа ќе започне од септември.

„Имавме веќе средби со нив и на групата специјализанти им беше укажано дека проблемот ќе се реши. Исплатата за нивниот труд ќе започне од септември. Стоиме на ветувањето, средствата се веќе обезбедени и во неколку наврати им беше укажано дека така е договорено. Навистина не знам зошто протестираа и што повеќе бараат во смисла на гаранција, кога сето тоа е веќе во процедура во Фондот за здравствено осигурување. Ветените средства ќе си ги добијат од месец септември. Можеби очекувале средства да добијат во септември, но септемвриската плата се добива во месец октомври“, одговори Филипче.

Вероника Мароска-Леова