Професорите против прогресивниот данок – Дракулевски: И сега плаќаме петпати повеќе данок

Оние што имаат 2.000 евра лични приходи плаќаат 10 отсто персонален данок, и тоа е петпати повеќе данок од оние што имаат просечна плата. Овие луѓе плаќаат и во Фондот за здравство поголема сума од оние што земаат просечна плата. А многу ретко ќе појдат во аптека од 1 до 5 во месецот и многу ретко се лекуваат во државна болница. Овие луѓе го полнат буџетот многу повеќе од оние со просечни плати. Имаат можност да купуваат многу повеќе од другите, а со тоа и плаќаат повеќе ДДВ од другите. И кога ќе им кажат дека за 80 отсто треба да им се зголеми персоналниот данок, им доаѓа малку непријатно, зашто никој не сака да плаќа повеќе.

Вака пластично деканот на Економскиот факултет Љубомир Дракулевски објасни зошто професорите не прифаќаат да плаќаат персонален данок по повисока стапка. Давајќи вовед на стручната дебата „Јавните финансии на крстопат“, на првата сесија економски разговори, Дракулевски рече дека тој не е против прогресивното оданочување, но дека тоа е прифатлива варијанта кога во Македонија ќе има средна класа на која ќе ѝ припаѓаат 60-70 отсто од населението, и кога ќе бидат решени прашањата на растот и развојот. „Дотогаш, сите политики што нѐ носат на погрешен пат треба да ги тргнеме. Политичарите треба да размислуваат за приоритетите“, им порача Дракулевски.

Сивата економија, како една од забелешките во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, според вицепремиерот Кочо Анѓушев е сегмент кој може многу да се подобри и на тој начин да се приберат повеќе средства во буџетот. Тој го посочи земјоделското производство, кое според официјалните податоци на годишно ниво изнесува околу 1 милијарда евра, од кои околу 300 милиони евра се наменети за извоз.

„Може да извезувате земјоделски производи без да имате фирма. Стотина милиони евра земјоделски производи се продаваат, а за нив немаме никаков официјален траг, што е дисторзија на економскиот систем“, им рече Анѓушев на студентите, професорите и академиците. Тој смета дека втора точка за зголемување на приходите во буџетот се трансферните цени на компаниите што работат во Македонија, а нивните матични компании работат во друга земја. Тие што користат кредити во Македонија, испумпуваат средства кон матичните компании и не само што не плаќаат даноци во земјава, туку и им остануваат должни на банките. Побара измени на Законот за минерални суровини, со кои би се предвиделе даночни зафаќања во услови на купопродажба или промена на сопственоста. Во делот на буџетските расходи, вицепремиерот Анѓушев рече дека треба да се инвестира во проекти што враќаат пари.

„Не би се двоумел да се инвестира во енергетски објекти, во инфраструктура. Се поставува прашањето дали е исплатливо да се гради пругата кон Бугарија и кон Албанија. Прашањето е дали прво треба да се отворат инфраструктурни можности за да се поттикне економијата. Не би трошел пари на популистички проекти. Знам дека тоа не носи гласови на избори, ама носи развој“, нагласи Анѓушев.

Фити: Јавната администрација не е доволно способна

Многу е ниска ефикасноста на јавната потрошувачка, мерена според ефектите што ги дава врз бруто-домашниот производ, односно врз динамиката и квалитетот на економскиот раст и развој, изјави академик Таки Фити.

„Две работи се клучни за подобрување на состојбата – промена на структурата на јавната потрошувачка со фокус на капиталните расходи и изградба на крупни инфраструктурни објекти, и втората, која е врзана со одржливоста на јавниот долг“, објасни Фити додавајќи дека Министерството за финансии и другите владини институции треба да градат капацитети за добро менаџирење на капиталните инвестиции.

„Едно е да се планираат капиталните инвестиции, а друго е да се реализираат. Секогаш има проблем со нивната реализација бидејќи немаме доволно способност во јавната администрација за менаџиирање капитални инвестиции. Потребни се добри физибилити-студии и однапред да се предвидат низа работи во проектите кои можат да ги пролонгираат и поскапуваат, како што се регулацијата на имотно-правните односи, еколошките проблеми и заштита на археолошките наоѓалишта покрај трасите што придонесува да не се реализираат со предвидената динамика“, рече академик Фити.

Анита Салтировска