Протест пред домот на пратеничката на СДСМ Фросина Ременски
Група граѓани вечерва протестираат пред домот на пратеничката на СДСМ Фросина Ременски во скопската населба Бардовци, незадоволни од изгласувањето на Законот за јазиците. Полиција го обезбедува имотот на пратеничката.
Поради истите причини вчера вечер граѓани протестираа и пред домовите на другите пратеници на СДСМ.
Фросина Ташевска Ременски, во изјава за „Фокус“ потврдува дека пред нејзиниот дом вечерва протестираат четриесетина луѓе, кои извикуваат навреди и закани кон неа и нејзиното семејство. Според неа зад протестот стои Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, а во групата луѓе се забележани и советници на оваа партија во Општина Карпош.
Ременски пријавила во полиција за протестот и на лице место се наоѓаат неколкумина полицајци. Вели дека за сега нема инциденти.
-Ова е гадно и вулгарно и не е јавен протест. Јавен протест се најавува претходно и се одржува на јавно место, а протест пред нечиј дом значи и закана за живот. Јас за ова ќе поднесам кривична пријава против организаторите на протестот, а знаеме кои се организатори. Дефинитивно ВМРО-ДПМНЕ стои зад ова. Во групата ги видов претседателот на Општинскиот комитет и советник на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски – вели таа.