Премиерот чести: работниците пари, газдите поскапи работници!
Ило Трајковски
Кампањата за референдумот е во полн ек. Емоционалните температури се на високо ниво и се подигаат сè повисоко. Како во тава во која се пече ајвар или ајвер, кој како сака. До 30 септември, „денот на ајверот“, се очекува на површината на тавата да испливаат разните масла со кои се спречува загорувањето на смесата од чушки и црни патлиџани. Во едни тави, бојкот масла, во други поткуп масла. Како и пред седум години, кога во Струмица се одржа првата „Ајваријада“, и овој пат улогата на главен ајварџија ја игра Зоран Заев. Но, со една голема разлика. На 9 септември 2011 година, Заев, како градоначалник на Струмица, прв го проба ајварот. На овој 30 септември, според неговите искажувања, како премиер на Република Македонија и како главен протагонист на референдумот ајварот ќе го остави за попладне. На овогодинашниот „ден на ајверот“ тој прво ќе оди да си гласа, а потоа може да прави ајвер.
Тој сам нема да први ајвар. Заев и пред да стане премиер и сега е газда. Нему му прават ајвар. Но дали тоа значи дека треба да ги менува своите национални ориентири? Особено кога е во прашање еден толку истакнуван македонски национален симбол како што е ајварот. Дали беше можно во својот говор во Велес да им порача на бојкотирачите дека го почитува нивниот став и граѓанска одлука ајвaрот на нашата Македонија да го стават пред референдумот за европска Македонија. Наместо во нив да гледа противници на државата, нели можеше да им каже дека претпладнето на 30 септември, ако веќе тој самиот како газда не прави ајвер, најпрво ќе сврати кај некој/а од нив да го проба нивниот ајвер, па потоа ќе оди да гласа! Тој како искусен и успешен ајварџија ќе знае да оцени дали ајварот на бојкотирачите е доволно засолен, доволно мрсен, доволно испржен или дали исполнува некои други критериуми. Иако за вкусовите не се расправа, нели. Тоа би бил потег на премиер кој си ги почитува своите граѓани, и покрај жестоките разидувања со некои од нив.
Наместо еден таков достоинствено помирувачки пристап во кампањата премиерот на митингот во Крива Паланка промовираше еден понижувачко-поткупувачки говор. Во настојувањето да ги наведе работниците да излезат на референдумот и да гласаат „за“, тој ги повика газдите да им дадат „некоја награда плус на работниците“, да ги почестат „малку работниците“. Изјавата предизвика жестоки реакции. И со право. Тоа што премиерот го кажа во Крива Паланка има проблем со Кривичниот законик. Останува тоа да се докажува на суд. Но досегашните искуства со македонското судство и, особено со Јавното обвинителство, одвраќаат не само од очекуван позитивен исход, туку и од каков било исход од кривична пријава.
И токму тоа повикува на анализа на идеолошките аспекти на неговата изјава. Тие се отвораат со нејзино промислување од една социолошко-класна перспектива. Изјавата на премиерот и нејзиниот одек во јавноста кажуваат многу како за класните односи помеѓу двете главни општествени класи во ова наше транзициско општество („едно… за сите“), така и за односот на тие класи кон политиката.
За првиот аспект зборува делот од изјавата на премиерот во кој се кажува дека газдите се тие што ги имаат парите кои им се толку потребни на работниците. Имено, во оваа состојба на оскудица во која преживува најголемиот дел од населението, а особено делот кој живее од плата или пензија, а меѓу нив најпогодени се работниците, парите според премиерот се кај газдите (бизнисмените). Ако некој има пари, тоа се газдите, „газдите имаат“, вели тој. И уште повеќе од тоа. Тие имаат толку многу што можат, ако сакаат, „малку да отворат ќесето“ и да им дадат на работниците, да ги почестат! Со тоа што би им дале на работниците една екстра плата, газдите не би ја довеле во прашање профитабилноста на својот бизнис, а би направиле едно филантропско дело!
Со ова премиерот, всушност, ги „напенали“ газдите пред работниците. Тој знае дека во Македонија е оскудица од пари и дека тие очајно им требаат на работниците, особено сега во сезона на зимници, ајвари, почеток на школска година, снабдување со огревни дрва и сл. Тој знае дека многу работници со своите плати не можат ни ајвер да си спремат и дека само една ниска плата ќе им стигне да си обезбедат зимница, да купат за децата школски книги и материјали. Но знае и тоа дека потребните пари ги имаат газдите и им ги нуди во замена за глас.
Ако ова го протолкуваме од гледна точка на конфликтната теорија за моќта, во овој случај на економската моќ и надмоќ, кажаното значи дека газдите имаат толку колку што изгубиле работниците! Ова е навистина левичарска позиција кон газдите. Таа може да послужи и како револуционерна парола. Но, веројатно во други времиња. Мене, повеќе од поводливоста и поткупливоста на работништвото и синдикатите ме зачудува прифаќањето на ова гледање за класните односи од страна на газдите. До денес не успеав да регистрирам ниту една реакција на некоја од стопанските комори како нивни еснафски здруженија. Што кажува таквиот молчалив однос на газдите за нивниот став кон работниците и кон државните и политичките работи и конкретно кон премиерот? Дали молчењето е показател дека исказот на премиерот го изразува преовладувачкото мислење на газдите за работниците и за политиката на владата? Значи ли тоа дека навистина денес газдите „..и приватните компании се разбудени“ и согледуваат дека работиците навистина треба да добијат поголем дел од новосоздадената вредност со која располагаат газдите?
На ваков позитивен заклучок би можеле да наведат податоците кои сè почесто се објавуваат низ медиумите во врска со состојбите на пазарот на трудот кај нас. Ако до скоро главна вест беше високата стапка на невработеност, во последните години како главен проблем, особено во трудоекстензивните стопански гранки се појавува, кусокот работна сила. Врз основа на извори од официјалната статистика, но и од изјавите на повеќе газди може да се заклучи дека колку што е точно тоа дека работниците оскудеваат поради ниските плати, толку е точно и тоа дека газдите оскудеваат за работници. Во наша Македонија работниците немаат доволно плати, а газдите немаат доволно работници! Повеќе сектори од стопанството се соочуваат со кусок работна сила. Обезбедувањето работници веќе не е проблем само на текстилната и кожарската индустрија, на градежништвото и земјоделството, туку се проширува и во новите гранки во кои инвестираа неколку странски компании.
Ако ваквите сознанија се причината за молчаливиот прием на газдите на повикот од премиерот, се прашуваме за одржливоста на од високо промовираната политика на поткуп и честење на работниците. Особено што по евентуално успешен референдум и очекуваното зачленување на Република Македонија во ЕУ, нашите работниците ќе можат слободно поскапо и подостоинствено да ги продаваат своите квалификации и знаења на газди во други земји. Според некои толкувања, затоа е толку големиот интерес на Германија. На пример, успехот на референдумот бил мотивиран пред сè од нејзината политика на привлекување македонски работници во Германија. Од таа гледна точка, нашите газди имаат шанса во натпреварот со германските газди само ако добро играат на домашниот терен. Во таа насока, прераспределбата на новосоздадената вредност во корист на работниците може да биде поделотворна само ако е систематски елаборирана, а не само инструмент на политичката кампања.