Преку волонтеризам до поттикнување на вработувањето

Повеќе од 20 млади луѓе од земјава земаа активно учество во проектот со наслов: „TrainVol: Градење капацитети во граѓанското општество за зајакнување на управувањето со волонтерство и промовирање на волонтерството меѓу младите“, финансиран од страна на Еразмус + програмата на Европската унија. Целта на 18-месечниот проект беше да им даде нови насоки на младите луѓе, посебно на тие со помалку можности, за нивна социјална инклузија и настап на пазарот на трудот, преку промоција на волонтерството како алатка за развој на вештини и поттикнување на вработувањето.

Изборот на волонтерството како начин за постигнување на целта на проектот и базиран на фактот што преку волонтирањето се прави мошне важна инвестиција во човечкиот капитал, додека пак, од друга страна, волонтерството, помеѓу останатите алатки, игра клучна улога во развојот на трансверзалните вештини, прифаќањето на нови стручни вештини, како и промоција на активно граѓанство, а исто така и при вработување“, вели Никола Станкоски, директор на Волонтерски центар Скопје, организација што заедно со координаторската организација Буди ми пријател од БиХ, КМОП од Грција и КАРДЕТ од Кипар го спроведоа проектот.

Базиран на големата стапка на невработеност, проектот најмногу беше насочен кон обезбедување на дополнителни перспективи на младите луѓе со помалку можности за да можат да допринесат за развој на заедницата преку вклучување во социјалниот живот и учество во развојот на општеството, како и да развијат вештини и компетенции и да се стекнат со знаења, преку учество на тренинг за волонтерство и волонтерски активности, при што ќе се влијае на нивниот професионален и личен развој, како и поттикнување на вработувањето.

Интересот на младите е огромен, но главниот проблем е што тие најчесто и не знаат дека постојат вакви програми“, констатира Станкоски, чија организација за своето 12 годишно постоење испрати во земјите од ЕУ и прими околу 5.000 волонтери, кои сега допридонесуваат во градењето граѓанско општество.

Вафире Мухареми, кој беше учесник на проектот, објаснува дека 18-месечниот период започна со онлајн подготовка на два курса. Првиот курс е за градење на капацитетите на младинските лидери/работници, како и за подобрување на менаџментот и управувањето во организациите, додека вториот е посветен на младите односно градење на капацитетите на младите да волонтираат и обучувајќи ги со знаења и вештини за комуникација, вредностите на волонтерството како и предностите на волонтирањето.

Понатака, двајца волонтери од сите четири земји поминаа национални дводневни обуки за младински работници. Следуваа студиски посети од страна на сите осум волонтери кои беа на националните работилници во БиХ, Македонија, Кипар и Грција. Третата фаза на проектот беше одржување на национални работилници од страна на младинските лидери/работинци на кои што беше десеминаран курсот за волонтерство. Во моментов реализираме една од последните активности, Национална завршна конференција чија цел споделување на резултатите на проектот, на онлајн курсевите како и обезбедување простор за дебата помеѓу младите и преставниците на институциите и невладините организации“, дополнува Мухареми.