Пред УЈП ќе го докажуваме потеклото на секое евро

За да може Управата за јавни приходи наместо граѓанинот да ја пополнува неговата годишна даночна пријава за персоналец, мора да има комплетни податоци за сите негови приливи и одливи од сметките, како и за заштедите. Она што беше најавено како олеснување за граѓаните сега е причина за нивна загриженост, оти онлајн врската на банките и на УЈП отвора многу прашања – кој сè ќе има увид во нивните финансии, дали даночниците ќе добиваат конкретни податоци за движењата на тековната сметка, како и каде ќе се чуваат овие податоци и најважно, кој е механизмот за заштита од злоупотреби.

„Автоматизираното добивање податоци се применува во многу даночни администрации. Ние една година наназад имавме низа состаноци со банките, Министерството за финансии, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Народна банка, договорени се сите детали и со дефинирањето на содржината на податоците, целта на употребата во УЈП, рокот на нивно чување и поништување, не може да бидат злоупотребени. Со измените се регулира таа размена да оди со одредена динамика, начелно на месечно ниво, наместо да оди на поединечно барање. Сетот на податоци ќе биде пропишан со закон. Засега со банките разговараме за сет на податоци поврзани со приливи и одливи од странство“, изјави Елена Петрова, проект-координатор на проектот за поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персоналец.
Во моментов уште не е додефинирано што сè ќе добиваат даночниците од банките.
За Горан Рафајловски, даночен консултант, неоспорно е дека УЈП, ако сака сама да ги прави пресметките за персонален данок, мора да направи систем каде што ќе има комплетен увид во приходите на граѓаните.
„Арно ама, патот до пеколот е секогаш поплочен со добри намери. Ова може да доведе до многу хаотични ситуации. На пример, ако на сметка добиеш прилив од роднини од странство, при што ти не си вршел никаква услуга, УЈП само од податокот за прилив ќе ти пресмета персоналец, а ти ќе треба да докажуваш дека не си вршел услуга. За кој било приход од кого било што ќе го добиеш на сметка, ќе треба да докажуваш зошто си го добил. Откако ќе ја добиеш пополнета својата годишна даночна пријава за персонален данок, ќе имаш еден месец да докажеш. Гледањето на сметките е еден упад, правењето на дополнителниот хаос – друг“, посочува Рафајловски и додава дека тоа што досега УЈП добивала податоци само за оние обврзници за кои барала, а сега за сите, ќе значи зголемен обем на работа, за кој ќе биде неопходно сериозно хардверско и софтверско решение. За него не е проблем што граѓаните живеат на една адреса а по лична карта се водат на друга. Вели дека едноставно УЈП ќе ги врзе сите обврзници во систем.
Има толкување дека со тоа што УЈП ќе добие увид во парите од странство што му доаѓаат на секој обврзник, ќе може, конечно, да ги оданочи.
„Има многу вистина во тврдењето дека досега парите што доаѓаа од странство главно не се оданочуваа. И тоа не се мали пари. Многу луѓе работат за странски фирми и поединци и не ги пријавуваат тие пари во даночните пријави, ниту носат потврда дека за нив во странство е платен данокот. Сега граѓанинот сè ќе мора да докаже. И ова е во ред, оти тоа не се мали пари“, објаснува Рафајловски, додавајќи дека ако и досега сакала, УЈП можела да има увид во овие приливи, преку поврзување со Народна банка.
Рафајловски забележува дека е во ред оданочувањето каде што има извршена услуга, но проблематично ќе биде за оние средства што не треба да бидат оданочени, а кои на обврзниците ќе им влезат во пресметка. Во Македонија пристигнуваат големи приливи од дијаспората, од родители на деца, од роднини, од пријатели. Од аспект на приватноста, според Рафајловски, нема место за дискусија, зашто ова е решение што го има во европските земји.
За да се исклучи стравот од злоупотреба на податоците, сите што ќе работат со тие податоци мора да имаат безбедносен сертификат од прв степен, предлага Рафајловски. Вклучително и тие што ќе работат на софтверот. Но дали до Нова година ќе има време да се внесат овие забелешки во регулативата, останува отворено.
Други аналитичари сметаат дека со ова УЈП не фаќа добар чекор во реформата. Марјан Николов од Центарот за економски анализи ѝ укажува на Владата, наместо да се фокусира на приходната страна на Буџетот и одново да тренира строгост преку УЈП, да поработи малку на ефикасноста на расходната страна на јавните финансии. Според Николов, Владата досега покажала интенција само за понатамошно бркање во џебовите на и онака дисциплинираните даночни обврзници, преку ДДВ и преку банкарските сметки.
За професорот Мирољуб Шукаров, измените ќе предизвикаат умртвување на финансискиот крвоток на банкарството, оти за да не бидат контролирани, банкарските депозити ќе се пренесат во домашни сефови и во странски банки.

Анита Салтировска