Празници
Лејла Сабит
Го празнат градот, ви ги полнат душата и трпезата, ви го одмораат телото, ви го олеснуваат паричникот, ве зближуваат со семејството и со пријателите, преку ден ве облекуваат во пижами, а навечер во свечена тоалета.
Скопје живее во турканица за празниците, сите се возбудени и растрчани, љубезни или индиферентни, расположени или нервозни, сите прво одвај чекаат да излезат од дома, а потоа одвај чекаат да се вратат дома. Домашниот оган е потопол од надворешниот студ, само снегот може да ве натера надвор да си играте со децата како деца.
Празниците секогаш го гушкаат малото дете во вас, уморот ве потсетува дека сега, како родители веќе немате 20 години и, за чудо, бабите и дедовците ја имаат таа детска енергија и трпение за внуците што го подигаат празничното расположение.
За време на празниците избирате да патувате вистински или виртуелно, каде што сакате или каде што посакувате, сами или во друштво, за да ги одморите мислите, да си го отворите умот, да примите нови позитивни вибрации, да си ги освежите и збогатите очите, носот и ушите со нови видици, мириси и звуци во кои ќе уживате и ќе ги чувствувате до наредните празници.
Ги сакаме, ги мразиме, колку и да не опуштаат – постојано нè потпрашуваат: кој, каде, што, зошто, колку, што сега, што понатаму… Кај што има почеток, има и крај, а некогаш крајот е нов почеток, нели?
Сè поминува, па и празниците. Но убавото чувство останува, телото и умот се спремни за нови предизвици и нови 355 дена, кој има – тоа е драгоцено време поминато со најмилите, кој нема – ги троши со план како да заработи.
Годинава вртиме нова животна страница, некој ќе ја испише со леснотија, некој со тешкотија, некого ќе изненади, некого ќе растажи, некого ќе усреќи, а некого ќе го разочара.
Една година постари и помудри, со неколку брчки или килограми повеќе – секој нека си ги нареди приоритетите по свое во новата 2019 година.
Добрина, среќа, здравје, успех, духовно и материјално богатство, никогаш не е премногу, нели?
До следните празници!