По убиството на српскиот лидер на Косово, дестабилизација наместо демократизација

Додека владите на Косово, Србија, Македонија, Грција и Бугарија преку сѐ почести меѓусебни контакти и со посредство на Европската Унија се обидуваат Балканот од „буре барут“ да го претворат во извор на мир и стабилност, во Митровица од страна на сѐ уште непознати извршители беше убиен лидерот на Граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ. Како реакција од српската страна решија веднаш да ги прекинат преговорите што требаше да се обноват по една година блокада и веднаш од Брисел да се вратат во Белград. Преку барање за пронаоѓање на извршителите реагираше и владата во Косово, додека пак првите функционери на владата во Албанија, Еди Рама и Илир Мета, освен што го осудија убиството, побараа негово целосно расветлување и овој случај да не стане пречка за продолжување на преговорите меѓу Косово и Србија бидејќи истите се наоѓаат во чувствителна фаза.
Според сознанијата од српските медиуми, Оливер Ивановиќ бил погоден од шест куршуми додека влегувал во својата канцеларија во Митровица, и поради сериозноста на повредите, на пат кон болница починал. Пред само неколку дена Стејт департментот ги предупреди своите граѓани поради можни терористички напади да не патуваат во Косово посочувајќи ја токму Митровица како можно место за терористичка активност.
„Во некои градови и села, како Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан можни се граѓански немири“, се вели во предупредувањето.

Убиството се случи во период кога во Косово наголемо се разговара и за укинување на Специјалниот суд, па во меѓународни кругови се појавија сомнежи дека со убиството се сака можеби да се одвлече вниманието на САД, ЕУ и на ОН од оваа „жешка“ тема за Косово. Имено, вкупно 43 пратеници од Косово во декември минатата година во рамките на тамошниот парламент покренаа иницијатива за укинување на овој суд бидејќи според нив не се работи само за угледот на поранешните борци на ОНА, туку и за моралниот и воениот интегритет, како и темелите врз кои е формирано самото Косово.

Само неколку часа откако се случи убиството со реакција се јави претседателот на Србија, Александар Вучиќ. За него убиството на Оливер Ивановиќ е тероризам и побара вклучување на српските органи во истрагата. Вучиќ, наспроти противењето на косовската влада, најави дека наскоро ќе отпатува во Косово каде што ќе се сретне со претставниците на српскиот народ за да разговара за понатамошните чекори. Вучиќ од српското малцинство во Косово побара граѓаните да останат смирени и ладнокрвни и да не потпаѓаат на евентуални провокации.

Убиството на Ивановиќ го осуди и Европската Унија. Преку портпаролката Маја Коцијанчич, Европската Унија очекува од владата во Косово да го помине овој тест и целосно да го расветли случајот.

„Од владата во Косово очекуваме да не штеди средства во пронаоѓање на сторителите и без никакво одлагање истите да ги изведе пред лицето на правдата. Во рамките на својот мандат, ЕУЛЕКС на косовската влада треба му ја понуди целата своја поддршка. Апелираме до сите страни да останат смирени и да му остават простор законот да го каже своето“, изјави Маја Коцијанчич.

Но дали убиството на лидерот на Ивановиќ има потенцијал да предизвика посериозни потреси внатре и надвор од границите на Косово? Воениот аналитичар и експерт по безбедност Благоја Марковски за „Независен весник“ оцени дека убиството на Ивановиќ е доказ дека Косово ја плаќа цената за демократизацијата и дека тоа негативно ќе влијае во односите меѓу Косово и Србија, но не очекува прелевање на политичката и сигурносната ситуација во целиот регион.

„Тоа што се случи со Ивановиќ е одраз на состојбите на Косово од аспект на тоа што државните структури или Косово како самостојна држава се уште боледува од почетните болести на својата организираност и демократизација. И оттука вакви настани можно е да се случат, не се неочекувани, иако во секој случај не придонесуваат ниту за развојот на државноста на Косово ниту за развојот на добрососедските односи со нејзиното непосредно опкружување. Овој трагичен настан секако ќе придонесе за затегнување на односите пред сѐ меѓу Косово и Србија, но од друга страна тоа може да биде предизвик за поголема мобилизација на безбедносните структури во непосредното опкружување на Косово, при што мислам и на Македонија. Не очекувам дека кризните состојби во Косово директно ќе влијаат врз Македонија, но земјава во секој случај треба да биде мобилизарана и треба да ги следи натамошните чекори и на српското и на косовското раководство. Во таа насока Македонија треба да се постави исклучиво во смисла на обезбедување што поголеми мерки за безбедност на територијата на земјата. Значи, не очекувам некои битни промени на територијата на Македонија, но во секој случај треба да се биде претпазлив“, изјави Марковски.

Блерим Исмаили