Откривачите на бомбите сè уште не се безбедни

Три години откако лидерот на СДСМ, а сега премиер, ги објави таканаречените „бом-би“, укажувачите, кои во тоа време Зоран Заев ги нарече столб на новото време и на демократијата на Македонија, сѐ уште не се чувствуваат сигурни и се плашат од можна одмазда на споменатите лица во

„бомбите“.

Укажувачите Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, и покрај заканите по нивните и животите на најблиските, овозможија вистината да стигне до граѓаните на Македонија. Токму поради оваа причина, тие се меѓу петте номинирани за престижната награда за заштита на укажувањето и правото на информирање, која годинава првпат ја доделува Европскиот парламент во чест на новинарката Дафне Каруана Галиција, која беше убиена во експлозија на Малта.

Ѓорѓи Лазаревски вчера изјави дека организираниот криминал, корупцијата и заробеноста на институциите сѐ уште се присутни, а за да профункционира демократијата во Македонија, нови политички неутрални лица мора да добијат шанса да станат дел од политичкиот живот во земјава.

„Мислам дека експанзијата на криминалот и на корупцијата е страшна и дека е присутна насекаде, во Европа и во светот, особено на Балканот. Ги уништува општествата, а преселувањето на младите е директно поврзано со тоа. Постои некоја стратегија на избирање луѓе од доверба кои служат за спроведување планови и политики што се во интерес на само одредени групи политички елити. Мислам дека е време институциите, кои најверојатно сѐ уште се заробени, да им дадат шанса на луѓе што не се политички обоени да одлучуваат во интерес на сите граѓани“, рече Лазаревски.

Тој додаде дека и двајцата и натаму не се чувствуваат слободно и безбедно и, поради тоа, кога излегуваат надвор, мора да анализираат кој се наоѓа во нивна близина со цел самите себеси да си го чуваат грбот.

Прашан дали досега некој ги контактирал него и неговиот колега, а особено премиерот Заев, кој во времето на објавувањето на „бомбите“ ги нарече херои, Лазаревски рече дека никој досега не го контактирал. Тој додаде дека првпат јавно кажува дека имал желба да се врати на своето претходно работно место во МВР и таму да се пензионира. Во однос на спроведувањето на реформите во безбедносниот систем, тој истакна дека во моментов се спроведува стариот закон за прислушување и дека го поздравува формирањето на ОТА како посебна агенција. Досега не размислувал дали да се кандидира на местото директор на Агенцијата.

Сепак, како што објасни, Македонија е позната по тоа дека знае да пишува закони, но е прашање колку тие закони се почитуваат.

На прес-конференцијата не беше присутен Ѕвонко Костовски, а причината за тоа може да се бара во фактот дека не се чувствува безбеден во земјава.

Лазаревски и Костовски за наградата се номинирани од „Транспаренси Македонија“, но за нив се поднесени и независни номинации од новинарите Синиша Станковиќ и Жанета Скерлев, како и од коалицијата на укажувачи од ЈИЕ.
Освен што ја поздрави номинацијата за наградата, претседателката на „Транспаренси Македонија“, Слаѓана Тасева, упати апел да се почитува законот за укажувачи кој подразбира институционална заштита за Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, кои се најзаслужните за падот на владата на Никола Груевски, но и да дојде до трансформација на власта во Македонија.

Таа додаде дека двајцата македонски укажувачи, освен што им ги отворија очите на сите граѓани, ја вратија надежта дека Македонија ќе биде слободна, демократска земја и нејзините граѓани ќе живеат слободен живот, нешто што беше оневозможено од минатиот режим.

Покрај Лазаревски и Костовски, за добивање на наградата номинирани се и словачкиот новинар Јан Куцијак, кој беше убиен во јануари годинава, основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, поранешната вработена во Пилатус банка, Марија Ефимова и поранешниот вработен во „Прајсвотер купер“, Рафаел Палет.

За наградата се добиваат и 5.000 евра.

Блерим Исмаили