Ослободена приведената пратеничка на Самоопределување од Косово
Пратеничката на Движењето Самоопределување (ВВ) Саранда Богујевци, која заедно со седум други активисти на таа опозициска партија беше приведена по протестот пред полицијата во Приштина, попладнево е пуштена од притвор, јави дописникот на МИА од Приштина.
На останатите седум активисти, кои беа приведени по судирот со полицијата за време на денешниот протест организиран против неефикасноста и неодговорното однесување на полицијата и другите надлежни институции во случаите на насилство врз жените и девојчињата, надлежниот обвинител им одреди 48- часовен притвор.
Апсењата на Богујевци и на трите активистки и четворицата активисти на опозициската ВВ уследи откако група протестанти почнаа да фрлаат боја, камења и други предмети во правец на полициската станица и припадниците на полицијата во центарот на Приштина, по што уследи судир со полицијата.
Според косовската полиција, случајот е оквалификуван како „напад врз службено лице“.
Во полициското соопштение се вели дека во судирот со демонстрантите се повредени десет полицајци, од кои, поради природата на повредите, петмина се задржани на натамошен третман во Клиничкиот центар во Приштина.