Не силувајте ја демократијата


Здравко Савески

Власта доживеа дебакл на референдумот. Не доживеа пораз. Доживеа дебакл. Ќе беше пораз ако излезеноста беше помеѓу 40 и 50 проценти. Со излезеност под 40 проценти, не може да се зборува за пораз. Тоа е дебакл.

Сепак, на типичен орвеловски начин, власта сака поразот да го претстави како победа. Давајќи го како аргумент за тоа фактот дека над 90 проценти од оние што гласале, гласаа позитивно на референдумското прашање. Само што, како што му е јасно секому што има барем основно познавање од демократските правила, ирелевантно е колку гласале „за“, а колку „против“, кога не е исполнет претходниот услов, повеќе од половината гласачи да излезат на гласање.

Но, има едно важно „но“ во сето ова. Референдумот беше консултативен. Колкав треба да биде цензусот при консултативен референдум? Тоа прашање одново и одново беше поставувано во предреферендумскиот период и одново и одново власта одбиваше да даде категоричен одговор. Не сакаше да си ги „врзува“ рацете. За дури и при излезеност од само 20 проценти, да може да прогласи победа. За какво владеење на народот, за каква демократија може да стане збор ако власта ја изигрува волјата на народот, ако не постои начин како волјата на народот да не биде спинувана или фалсификувана од власта?

Ќе потсетиме. Една од причините зошто се повика на бојкот на референдумот беше токму прешироката можност за „слободно“ толкување на референдумските резултати. Зошто да му се даде легитимитет на еден манипулативен референдум на кој, што и да се случи, власта ќе тврди дека добила поддршка од граѓаните за својата политика?

Еве, оние што беа „против“ да излезеа и да гласаа. Дури и ако по некое чудо власта не ги лажираше резултатите, па испаднеше дека мнозинството го имаше опцијата „против“, ќе го девалвираа поголемиот број гласови „против“, тврдејќи дека референдумот бил само консултативен. А ако се бојкотираше, повторно, планот на власта уште од самиот почеток беше – да се инсистира дека излезеноста е ирелевантна, зашто референдумот бил консултативен. Всушност, уште со самото прогласување на референдумот за консултативен власта го порази народот. Нему му преостануваше или да ѝ даде легитимитет на власта за нејзината политика или да го одбие соучеството во девалвирањето на демократијата што беше извршено со манипулативниот референдум. Дека можеше да изрази различен став од власта, дури и преку бојкот –се гледаше од почетокот дека нема да му биде дозволено. Толку ниско власта ги урна демократските стандарди!

И сега, како понатаму? Заев продолжи да ги игнорира демократските стандарди. За да функционира демократијата во една земја, важни се и пишаните и непишаните демократски правила. И покрај дебаклот на референдумот, Заев одби да поднесе оставка. Прашањето за договорот со Грција тој го издигна на ниво на главна мерка на неговата влада, граѓаните по однос на тоа прашање не му дадоа поддршката на референдумот, а тој – одби да поднесе оставка. Нема да беше проблематично ако на негово место дојдеше некој нов премиер од редовите на СДСМ, не мораше нужно да се распишуваат нови избори, но не – Заев не покажа чувство на демократска одговорност и одби да му ја отстапи фотелјата дури и на некој свој сопартиец.

Сепак, знаејќи ја неговата склоност да ги крши формалните правила на демократијата, малкумина очекуваа тој да покаже почит кон неформалните правила на демократијата. Ќе потсетиме уште еднаш, за зачленување во ЕУ Уставот на РМ бара задолжителен референдум на кој повеќе од половината гласачи треба да се изјаснат потврдно за да се смета дека одлуката е полноправна. Е сега, сакаа да го вклучат ЕУ во референдумското прашање (иако Македонија нема добиено покана за членство во ЕУ), а од друга страна уставниот цензус им се чинеше превисок. Па што направија? Поради манипулативни причини, ја вклучија ЕУ во референдумското прашање, но не само што не го уважија уставниот цензус повеќе од половината гласачи да се изјаснат потврдно, туку и го направија референдумот консултативен. Тоа што Уставниот суд не најде ништо спорно во сето ова, бранејќи ја својата позиција со катастрофално слаби правни аргументи, не ѝ дава за право на позицијата на власта, туку покажува колку некои работи се немаат променето од времето на Груевски, колку во Македонија сè уште власта ги контролира институциите.

Ќе следува пазарење во Собранието. Ќе фрчат непристојни предлози, поткупувања и притисоци. Веројатно сè е во игра, вклучително и помилувањето на Никола Груевски и неговите соработници за сторените криминали. На тоа дереџе паднавме? Да, на тоа дереџе. Паднавме на тоа дереџе, меѓу другото, и поради соучеството на редица јавни личности во Македонија, кои милуваат да се претставуваат како поборници на демократските и европските вредности, а мижат на двете очи кога се газат тие вредности од страна на сегашната власт. Во однос на пазарите што ќе следуваат во Собранието, сакам да нагласам дека и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, исто како и пратениците од СДСМ, немаат добиено мандат од граѓаните за тие да гласаат за промена на уставното име на државата. Ако во меѓувреме го промениле своето мислење (читај: ако биле поткупени или притиснати), тогаш имаат должност да поднесат оставка, или и тие, исто како СДСМ, на нови избори, да побараат мандат од граѓаните за промена на уставното име на државата.

Власта се „заканува“ со предвремени избори. Како што е јасно од самиот почеток, сето ова, и договорот со Грција и кршењето на демократијата што се прави за тој договор да се истурка, има една цел – фиксацијата на САД Македонија што побрзо да стане членка на НАТО, како дел од геополитичките игри на американскиот империјализам против рускиот империјализам. За да се истурка таа цел – сè ќе им биде дозволено на вазалите на власт да направат.

Да, во Македонија треба да има предвремени избори. СДСМ нема обезбедено изборен мандат од граѓаните за промена на уставното име и СДСМ на власт не ги презеде оние мерки за кои ги доби гласовите од граѓаните на изборите. Но, во Македонија треба да има демократски и фер избори, а не избори на кои ќе дојде до ново кршење на демократијата само и само СДСМ да обезбеди доволно големо парламентарно мнозинство за да го имплементира договорот со Грција како нужен предуслов Македонија да биде напикана во НАТО. Според важечките законски одредби, сто дена пред парламентарните избори (редовни или вонредни!) треба да се избере нова, преодна влада, предводена од нов премиер предложен од партијата со најголем број пратеници во Собранието. Од власта веќе искажаа намера да го заобиколат овој механизам, повторно селективно читајќи ги законите според своето наоѓање. Но, како да се има верба дека изборите нема да бидат лажирани ако власта свесно заобиколува механизам кој е воспоставен за да ги намали ризиците од изборни нерегуларности?

Станува јасно дека влогот повеќе не е само уставното име на државата и зачленувањето во НАТО. Влогот е и демократијата во Македонија. Власта влече потези со кои не се загрозува демократијата само овде и сега. Потезите на власта создаваат преседани на „заобиколување“ на демократијата кои во иднина и други ќе ги користат како изговор за да газат по демократијата. Оттука, штетата по демократијата што сегашните властодршци ја прават во своето властољубие е непоправлива. Ако брзо не му се застане на патот на тоа, набрзо ќе станеме сведоци на такво силување на демократијата на какво ние (иако не и многу други народи) досега не сме биле сведоци. Нешто околу што треба особено да се замислат оние поборници на европските и демократските вредности кои досега ѝ даваа некритичка поддршка на власта во нејзиното газење на тие вредности. Запрашајте се, во што сте соучесници?