(Не)очекувана одлука на Уставeн суд: Референдумот преживеа

Референдумската кампања ќе продолжи и ќе се гласа на 30 септември. Таков епилог произлегува од вчерашната одлука на Уставниот суд, во чие донесување учествуваа сите деветмина судии, од кои седуммина гласаа за отфрлање на иницијативите за оценка на уставноста на одлуката за донесување на референдумот.
Претставките што ги поднесоа Светскиот македонски конгрес (СМК), Левица и Марјанчо Ангеловски од Куманово, а кои беа споени во една иницијатива, како издржани ги оценија само судиите Јован Јосифовски, поранешен претседател на ДИК, и Елена Гошева, претходната претседателка на судот, која беше и известител за предметот. Нејзините колеги не се согласија со предлозите што им ги посочи – да се поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на одлуката за референдумот и да се донесе времена мерка за запирање на сите референдумски активности додека трае постапката.
Одлуката на Уставниот суд се чекаше со поделени очекувања во јавноста. Притоа, можноста за запирање на дејствијата во врска со референдумот се аргументираше со распоредот на сили во судот, каде што шестмина од судиите се избрани во периодот 2012-2013 година и дел од нив, во изминатите години, беа посочувани како пристрасни во однос на претходната власт. Шансите, пак, за отфрлање на иницијативата за оценка на референдумската одлука се поткрепуваа со силната дипломатско-политичка логистика за спроведување на договорот со Грција и за отворање на евроатлантските перспективи на државата.
На крајот на вчерашната седница, најголемо изненадување, всушност, беше резултатот од изјаснувањето на судиите, затоа што не само што се постигна потребното апсолутно мнозинство за отфрлање на иницијативите на Левица и на СМК, туку се надмина и двотретинскиот кворум. Против иницијативата и предлог-мерките на Гошева прв се јави новиот судија Дарко Костадиновски, кој долги години беше советник од најблиското опкружување на претседателот Ѓорге Иванов, така што беше и негов предлог за уставен судија.
Костадиновски рече дека во Одлуката за референдумот има правни недостатоци, но оти тие не се суштински и не се причина за поведување постапка.
Другиот судија, кој лани есента беше предложен од Иванов – професорот Осман Кадриу, оцени дека одлуката за распишување референдум е уставна затоа што е донесена со мнозинство гласови во Собранието. Сепак, за разлика од Костадиновски, ваквиот став на Кадриу беше очекуван, со оглед на неговото судиско и професорско искуство во последните години, кога често ги критикуваше политиките на претходната влада и на претседателот Иванов.
Според Костадиновски и Кадриу, одлуката за распишување на референдумот ги содржи сите потребни елементи и барањата за нејзино оспорување се неосновани.
– Судиите на Хорхе го спасија референдумот. Шарените владини чиновници аплаудираат – реагираше вчера преку социјалните мрежи Димитар Апасиев од Левица, откако судот ја отфрли иницијативата што тој ја поднесе.

По завршувањето на седницата, Апасиев рече дека е погребана правната држава – преку политичка, а не правна одлука на судиите оценувајќи дека бојкотот останува како единствено масовно средство за враќање на правната држава.
Тој рече оти има сознанија дека уставните судии биле повикувани на разговор пред вчерашната седница.
– Како јавност треба да видиме кој ги повикувал судиите и кој се обидувал да влијае врз исходот од оваа иницијатива – рече Апасиев.
За претседателот на СМК, Тодор Петров, одлуката на Уставниот суд не е прифатлива.
– Судиите во расправата беа контрадикторни. Тие отфрлија расправа за договорот со Грција, но заклучија дека со референдумското прашање не се гласа за ЕУ и НАТО, туку за договорот со Грција, со кој се врши промена на името на државата. Истовремено, се суспендира референдумот од 8 септември 1991 година, кога народот во апсолутно мнозинство гласаше за самостојна Македонија без додавки и придавки. Иако одлуката на референдум по Устав е задолжителна, судот, за жал, сметаше дека ЕУ не е ниту сојуз за кој треба да се распише референдум – рече Петров.
Одлуката на Уставниот суд, според него, ќе ја зацврсти определбата за бојкот на 30 септември.
На почетокот на вчерашната седница, судијката Гошева, како известител за поднесените иницијативи, оцени дека има многу правни недостатоци во одлуката за распишување на референдумот и дека таа во повеќе точки е спротивна на Уставот и на Законот за референдум. Коментирајќи го референдумското прашање, таа рече дека станува збор за прашање стапица, кое е манипулативно, повеќезначно и спротивно на критериумите на Венециската комисија. Како што рече Гошева, во случајов требало да се постават три прашања – едното за договорот за името, а другите две одделно за членството во НАТО и во ЕУ и за сите нив да се гласа во ист ден.
Гошева рече и дека не е законски за вакво прашање да се распишува консултативен референдум, дека не е прецизирано какво мнозинство ќе биде потребно за негова успешност – релативно или апсолутно, како и дека договорот со Грција е практично непостоечки затоа што не е објавен во „Службен весник“. Гошева смета дека одлуката за референдумот не содржи четири од седум елементи за распишување референдум.
Судиите Насер Ајдини, Вангелија Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојановски, како и претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, рекоа дека не гледаат прекршување на уставните одредби. Само судијата Јосифовски ѝ даде поддршка на Гошева. Тој смета дека одлуката за референдум не е во согласност со Уставот и дека прашањето е нејасно и непрецизно.
Од Владата рекоа дека нема да толкуваат одлуки на Уставниот суд во ниту една ситуација.
– Тоа што го имавме ние за референдумот го искажавме повеќе пати. Сметаме дека тоа е највисокото демократско право на еден граѓанин во една слободна демократија – рече Бошњаковски. (А.М.М.)