М-НАВ бара кандидати за контролори на летање

Македонска Навигација (М-НАВ) ги повикa сите заинтересирани полнолетни лица на возраст до 25 години да се пријават за една од најценетите, но и најодговорни професии – контролор на летање.
„Со порастот на бројот на летови и прелети на нашето небо, се зголемува и потребата од нови кадри во одделот којшто е најдиректно одговорен за безбедноста и контролата на воздушниот сообраќај во Македонија. За таа цел, во тек е процесот на регрутација и селекција на кандидати за обука за контролори за летање“, информираше компанијата.
Покрај старосната граница до 25 години (да не наполниле 26 години), кандидатите треба да имаат завршено средно образование и да имаат потврда за знаење на Англиски јазик најмалку на ниво на Б2. Кандидатите ќе треба да полагаат FEAST тест на ЕУРОКОНТРОЛ (www.feast.info) за проверка на специфичните способности и вештини неопходни за оваа професија. Успешните кандидати коишто ќе го поминат тестот, продолжуваат во натамошните фази на изборот, сè до склучувањето на договорот за обука и финална селекција за контролор на летање. Рок за поднесување на документите е 12.09.2018 г.
Специфичните вештини и предиспозиции за оваа професија, кандидатите може да ги откријат и преку онлајн игрите на https://www.nats.aero/careers/trainee-air-traffic-controllers/games/, додека за проверка на знаењето на англискиот јазик, кој е воедно и официјалниот јазик за комуникација во авиосообраќајот, тука е бесплатниот прелиминарен е-тест преку линкот: http://www.cambridgeenglish.org/test-your-english/.
Успешните кандидати во сите фази на претселекцијата (т.е. по положување на FEAST тестот, здравствениот преглед и интервјуто со изборната комисија) се упатуваат на обука за контролори за летање, по чие успешно завршување, стануваат дел од М-НАВ како контролори на летање. Повеќе информации има на страницата mnavigation.mk