Мебел ќе се прави од сертифицирано дрво


Олеснување на извозот на мебел, како и помали трошоци за компаниите во дрвната индустрија, се придобивките од проектот за сертифицирање на шумите што ќе го спроведува јавното претпријатие „Македонски шуми“, според ЕФЦ програмата што се користи во европски и светски рамки. Производителите на мебел подолго време апелираат дека им се неопходни сертификати за дрвото што го користат како суровина, дека е одгледано на еколошки и одржлив начин, како услов за извоз во Европската Унија, бидејќи се соочуваат со казни или, пак, со дополнителни трошоци да докажат легалноста на дрвото.

Сертификацијата на шумите, всушност е глобален стандард што се почитува секаде во светот и кој потврдува дека оваа суровина ги задоволува еколошките, економските и социјалните стандарди во одгледувањето на шумите. „Македонски шуми“, заедно со партнерите ЦНВП Македонија и Програмата на швајцарската агенција за развој за зачувување на природата, сертификацијата ќе ја започне како пилот-проект во областа Равна Река во Пехчево. Ќе бидат подготвени внатрешни протоколи за управување во сертифицирано шумско подрачје, набавка на заштитна опрема, обука, како и адаптација на стопанисувањето на шумите според барањата на националниот стандард, кој ќе биде усогласен со меѓународниот стандард на ПЕФЦ.

„ПЕФЦ е најголемата глобална сертификациска шема според која се сертифицирани преку 300 милиони хектари шума ширум светот. Строгите правила на ПЕФЦ, проверката на терен која ја изведува независен орган и националниот контекст одразен во националниот стандард за одржливо стопанисување со шумите даваат сигурност за одржување на еколошките, социјални и економски функции на шумите, беше речено на прес-конференција“, вели Сашо Петровски, претставник на ЦНВП Македонија.

Според Мирјана Шушлевска од Програмата за зачувување на природата во Македонија, целта на сертифицирањето, кое во земјава се спроведува првпат, е и зачувување на биолошката разновидност, како и одржливо управување со шумите кои се еден од најважните екосистеми на планетата. (С.Н.)