Марко Бислимоски предложен за претседател на Регулаторна комисија за енергетика

Марко Бислимоски е предложен за претседател, а Наташа Вељановска, Атанаско Тунески и Куштрим Рамадани за членови на Регулаторната комисија за енергетика, информираше Владата по денешната седница. Предлозите се доставени до Собранието.

Изминативе 9 години претседател на Регулаторната комисија за енергетика беше Димитар Петров.

На почетокот на месецов Владата објави јавен оглас за именување претседател и три члена на Комисијата. Мандатот на секој член и на претседателот на Комисијата е пет години и ниту еден член не може да биде на таа функција повеќе од два последователни мандата. Функцијата член на Регулаторна се врши професионално и е неспоива со извршување на друга јавна функција или функција во политичка партија или работно место. Ако членот на Регулаторната комисија за енергетика пред именувањето бил во работен однос, тој му мирува.

Нето платата на претседателот и членовите на Регулаторната комисија за енергетика не може да биде повисока од збирот на пет просечни месечни нето плати исплатени во Република Македонија во претходната година, според податоците објавени од Државниот завод за статистика.