Маркетите да го одвојат домашното од увозното месо

Месото од увоз да се продава одвоено од домашното, а маркетите да имаат обврска да ги истакнат декларациите, за купувачите да имаат увид во потеклото на месото и самите да одлучат што сакаат да купат, бараат македонските фармери. Тие сметаат дека само на тој начин нема да бидат засегнати од бесцаринскиот увоз на смрзнато свинско месо, што го одобри Владата за да им помогне на преработувачите.

Во Министерството за земјоделство, пак, посочуваат дека се преземени сите мерки за да се заштитат домашните производители. Мерката за бесцарински увоз е времена, ќе трае до 15 ноември годинава, а увозот ќе треба да задоволи половина од потребите на преработувачката индустрија, која има извозни планови. За таа цел, Министерството најави строги и зачестени контроли на инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство, кај преработувачите, угостителите и во маркетите.

Македонските фармери се интересираат како ќе бидат заштитени кога претходно не била утврдена акредитираната метода, според која ќе се докажува дали месото претходно било смрзнато или не. Тие велат дека во текот на преговорите, пред донесувањето на мерката за бесцарински увоз, побарале да се определи метода, како и обврска за декларирање на потеклото на месото, дали било смрзнато или свежо, да имаат и угостителските објекти што подготвуваат храна.

„Нашите барања не беа задоволени, па сега ќе треба само да се надеваме дека нема да бидеме засегнати со бесцаринскиот увоз“, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

Тој вели дека фармерите се согласни со увозот, бидејќи се свесни за потребите на преработувачите. Сепак, Шаклев предупредува дека мора да се внимава и на производителите, бидејќи свињарските фарми се единствените произведувачи на месо во земјава што ги зголемуваат количините секоја година. Увозното смрзнато месо е 30 проценти поевтино и ако се појави во маркетите, ќе го уништи домашното производство.

„Ние не сакаме да пропаднат производителите, но сакаме да го задржиме и свињарството, да не го зафати трендот како производството на пилешко или јагнешко. Условите за опстојување во моментов не се поволни, бидејќи во регионот, а и пошироко има преголемо производство и цените паѓаат. Во моментов килограм жива мера се откупува од 80 до 85 денари, а производната цена за килограм е толку“, потенцира Шаклев.

Од Министерството за земјоделство, пак, велат дека мерката за укинување на увозната давачка за замрзнато свинско месо и други производи од свинско – е донесена во консултација со преработувачите на месо и со фармерите одгледувачи на свињи. Најавуваат дека Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведува строги и редовни контроли кои ќе продолжат и во иднина, и тоа кај операторите што увезуваат замрзнато свинско месо и во малопродажбата, за да се обезбедат услови увозното месо да се употребува исклучиво за неговата намена во месната преработувачка индустрија, да не се наруши домашниот пазар и да се обезбеди квалитетен и безбеден производ за потрошувачите.

„Од минатата година имаме интензивни состаноци со двете страни, со цел да се донесе одлука што нема да му наштети на примарното производство на свежо свинско месо и на месната индустрија. Заштитата на домашното производство е врвен приоритет и сите мерки и политики се во таа насока, како и во насока на  гарантирање безбеден производ за граѓаните. Домашните потреби за свежо свинско месо се целосно покриени од нашите фарми, но фармерите не можат да ги покријат потребите на индустријата што е извозноориентирана и во моментов работи во отежнати услови поради скапа увозна суровина“, информираат од Министерството.

Преработувачките капацитети се извозноориентирани и се соочуваат со постојан недостаток на суровина, поради слабото домашно производство. Голем дел од нив не работат со целосен капацитет и не се конкурентни на странските пазари. Со времениот бесцарински увоз ќе треба да се задоволат половината од нивните потреби за суровина. На тој начин ќе се овозможи зголемување на конкурентноста на домашната индустрија за производство на преработки од месо, а тоа, пак, ќе влијае врз зголемување на обемот на производство, извозот, искористеноста на капацитетите и зголемување на бројот на вработени во домашната индустрија за месо.

Сања Наумовска