Лица од „бомбите“ и натаму без истраги

Извештајот на ОБСЕ за активностите и предметите во надлежност на СЈО е прв документ во кој се пристапува со извесна доза на конструктивна критика. Во него јасно е нотиран големиот успех на оваа институција, но содржани се и неколку забелешки и препораки за поголема ефикасност на целиот процес.
Причина за грижа, според ОБСЕ, е очигледно немање истраги или кривичен прогон на лица споменати во прислушуваните материјали. Тоа, како што сметаат од ОБСЕ, разочарало одреден дел од јавноста и најверојатно ја намалило поддршката која СЈО ја имаше на почетокот. Втората забелешка, пак, е во делот на транспарентноста во која СЈО многу полагаше. Според ОБСЕ, постои потреба од дообјаснување на надлежноста во случаите каде што кривичните дела ниту произлегуваат од содржината на прислушувањето ниту се однесуваат на него.
Доцнењето во потврдување на обвиненијата, можната за застареност на делата, правната дилема за користење на незаконски прислушуваните материјали како докази, мерката притвор и ризикот од бегство… беа посочени на вчерашната презентација на извештајот, како ограничувања кои го ставаат под ризик целиот процес.
СЈО успеа да поднесе 20 обвиненија во рамките на кусиот законски рок, но поминаа пет шест месеци до нивна потврда од судот.
„Сегашните ограничувања во законската и институционална рамка го загрозуваат процесот на утврдување одговорност за некои од сериозните кривични дела разоткриени со прислушувањето. Има најмалку 12 тековни истраги што беа објавени по истекувањето на законскиот рок, чија судбина е неизвесна“, забележа претставничката на ОБСЕ, Мишел Принс.
Поради тоа ОБСЕ препорачува да се измени и дополни законодавството, да се обезбеди догорочен континуитет согласно Националната стратегија за реформи во правосудството за периодот 2017-2022 година и да се решат постоечките ограничувања во законската рамка кои можат да ги спречат тековните истраги на СЈО.
Се забележува и на двојните аршини во однос на мерката притвор. Меѓу март 2016 и март 2017 СЈО побарало притвор за 23 лица во четири истраги. Судот им изрекол притвор на пет лица, а потоа по неколку дена откако одбраната поднела жалба, таа мерка била заменета со домашен притвор или полесна мерка на претпазливост. „Судот се покажа како добар почитувач на праксата притворот да биде последна мерка, но доколку се направи анализа низ годините ќе се заклучи дека се разликува во случаите во кои не постапува СЈО“, рече Принс наведувајќи го примерот кога во само една година Јавното обвинителство во 151 случај има побарано 121 мерка притвор, а судијата на претходна постапка одобрил 116.
Правната дилема околу користењето на незаконски прислушуваните материјали како докази во судската постапка предизвика најдолга дискусија, во која се вклучија и адвокатите на дел од обвинетите во случаите на СЈО, Еленко Миланов и Петар Василев. Според поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова-Трајкова, без оглед за каков приговор станува збор судот мора да има став во однос на можноста за користење на прислушуваните материјали како доказ и тој мора да биде назначен во пресудата.
„Вториот аспект на кој му се дава должно внимание во извештајот е прашањето на дадените помилувања, односно прашањето за амнестија. И тоа ќе мора добро да биде опфатено во постапките. Судот и во двата случаи ќе треба добро да ја проучи праксата на Европскиот суд за човекови права, кој применува пристап што е карактеристичен за секој случај посебно“, вели Лазарова-Трајкова.
Освен за користењето на прислушуваните материјали адвокатите на обвинетите прашаа зошто СЈО презело надлежност врз предмети што не произлегуваат од незаконски прислушуваните материјали, како на пример случајот „Тврдина“, на што малку вознемирено реагираше специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
„СЈО има многу докази дека лицата кои се обвинети во случајот „Тврдина – Таргет“ прислушувале и тоа ќе го докажеме пред суд. „Тврдина – Таргет“ е предмет за тоа дека службени лица од УБК ја уништиле опремата за да не може да се утврди дека на тие машини се прислушувало. Имаме форензичко вештачење во кое се утврдува кој, како и на кој начин прислушувал. Имаме повеќе од 20 илјади луѓе кои незаконски се прислушувани. Кој треба да биде надлежен за овој предмет“, рече Јанева која се надева дека конечно во петок ќе почне судскиот процес за овој предмет.
Јанева го критикуваше судот за неажурноста и побара рочиштата за предметите на нејзиното обвинителство да бидат закажувани почесто, како на пример за настаните на 27 април за кои веќе се закажани педесетина рочишта, а во септември е закажано само едно рочиште за предметот „Титаник“. СЈО исто така открило низа злоупотреби во работењето на судовите и судиите кои ќе бидат нотирани во шестмесечниот извештај кој ќе биде објавен на 15 септември. Во моментов нејзиното обвинителство води 12 нови истраги кои се во завршна фаза и за кои не е истечен рокот.
Наум Котевски