Кривични пријави за бесправно градење во општина Центар

Три кривични пријави за бесправно изградени објекти на територијата на општина Центар до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе општинската администрација застапувана од градоначалникот Саша Богдановиќ.

Како што информираат од општината во текот на 2017-та година, по извршен инспекциски надзор од страна на овластен градежен инспектор на општина Центар и по извршен увид, на булеварот „Никола Карев“ бб, било констатирано дека пријавениот Осман Буши без одобрение има изградено градба со димензии 15 на 20 метри.

И покрај добиената наредба и изготвеното решение за отстранување на градбата, пријавениот одбивал да го стори тоа, а бесправно изградената градба се уште е на истото место.

Кривични пријави добиле и Даут Азири, кој без одобрение за градење има изградено објект 10 на 10 метри на улица „171“ бр. 23 и Риза Асани, за незаконски изграден објект со димензии 5,20 на 6,55 метри, на улица „171“ бр.31.

Од Општина Центар предлагаат ОЈО – Скопје да ги преземе сите дејствија во насока на утврдување на фактичката состојба, по што против тројцата пријавени ќе спроведе кривично гонење за сторено кривично дело казниво по член 244 а, став 1 од Кривичниот законик.