Кој е потежок ривал за Пендаровски – Иванов или Силјановска?

Иако зад неговата кандидатура застанаа повеќе од 60 пратеници, колку што се потребни и за формирање собраниско мнозинство или за избор на влада, првиот консензуален кандидат за претседател, Стево Пендаровски, од денеска ќе собира и 10 илјади потписи за поддршка на неговата втора номинација за шеф на државата. Поддршката што ја доби во парламентот во 2014 година, кога СДСМ како опозиција имаше четириесетина пратеници, беше значително поскромна од годинешнава, кога влегува во изборниот натпревар со стартна предност – како фаворит на владејачката постава. Сепак, и од други фактори зависи дали претстојната битка за претседателската функција ќе биде полесна за него од претходната.
Во разговор за „Независен весник“, Пендаровски вели дека засега не сака да зборува за позициите со кои неговата противкандидатка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова веќе настапува во јавноста, посебно во делот на клучните политички процеси што се одвиваа во последната година. Вели дека тоа ќе го каже во текот на кампањата, која почнува на 1 април.
На прашање дали Силјановска ја смета за потежок противник од Ѓорге Иванов, со кого се соочи на претходните избори, или обратно, Пендаровски вели дека дуелот со актуелниот претседател, сепак, бил посложен – не, како што вели поради неговите квалитети и вредности, туку поради познатите методи на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
– Таа битка на некој начин беше со предвреме познат исход или однапред изгубена за опозицијата. Не поради квалитетот и вредностите на Иванов, туку поради механизмите на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, клиентелизмот што го воспоставуваа и изборните нерегуларности што ги спроведуваа. За разлика од тогаш, сега сите кандидати за претседател, без притисоци и опструкции, ќе имаат можност да се престават пред сè како индивидуи со свои ставови и гледишта, а потоа и како претставници на политичките опции од кои добија поддршка за кандидатурата – вели Пендаровски.
СДСМ не ги призна изборите во 2014 година, кога заедно со вториот претседателски круг се одржаа и вонредни парламентарни избори. Опозицијата тогаш подолго од една година воопшто не влезе во парламентот, сè додека во 2015 година не беше постигнат пржинскиот договор, така што СДСМ се врати за да учествува во донесувањето на законот за СЈО. Иванов, во вториот мандат, пак, беше непризнаен претседател за СДСМ сè додека партијата не ја презеде власта бидејќи се наметна потребата од кохабитација.
Пендаровски вели дека лично не се познава со неговата противкандидатка Силјановска, иако таа била асистентка на Правниот факултет во Скопје во времето кога тој бил студент таму. Се потсетува дека Силјановска не предавала во неговата група, ама затоа, пак, асистент му бил нејзиниот сопруг Благоја Давков, кој во тоа време исто така бил ангажиран на Правниот факултет. За третиот кандидат Блерим Река, зад кого застана опозицијата од албанскиот блок, вели дека добро го познава затоа што често се среќавале на настани во Брисел додека тој беше амбасадор на Македонија во ЕУ, а Пендаровски беше советник во кабинетот на тогашниот претседател Бранко Црвенковски.

Една од спецификите на претходните претседателски избори беше тоа што беше постигнат висок одѕив во вториот изборен круг – над 54 проценти, затоа што, и покрај апстиненцијата на ДУИ, паралелно се одржуваа вонредни парламентарни избори. Затоа, пак, пет години претходно – во 2009 година едвај беше постигнат потребниот цензус од 40 проценти, иако во исто време имаше и втор круг од локални избори. Тогаш во првиот круг учествуваа дури шест кандидати, а во 2014 четворица. Овој пат, изборот, најверојатно, ќе биде сведен на тројцата кандидати, Пендаровски, Силјановска и Река, што е најмала бројка досега. Но тоа не е причината поради која се стравува дали овој пат изборите ќе бидат успешни. Таквите сомневања се поттикнати од можноста ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг да го повтори сценариото со тивкиот бојкот за време на референдумот за името, кога на гласање излегоа едвај околу 36 отсто од запишаните избирачи. Пендаровски, кој како поранешен претседател на ДИК има искуство и со спроведување претседателски избори и референдум (во 2004 година), сепак, е оптимист дека претстојната трка ќе заврши со избор на шеф на државата.
– Убеден сум дека ќе се постигне потребниот одѕив. Нема шанси изборите да не успеат. Освен ако ВМРО-ДПМНЕ не ја примени повторно својата тактика со тивкиот бојкот како за време на референдумот или ако отворено повика на неучество во вториот круг, односно ако примени организиран бојкот. Верувам дека тоа нема да се случи. А, и да се случи, повторно би можел да се постигне цензусот од 40 проценти – вели Пендаровски.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, изјави вчера дека зад кандидатурата на Пендаровски застанале пратеници од различни етнички заедници и од различни политички партии. Но, иако со тоа е исполнет уставниот услов за кандидатурата на Пендаровски, поддршка можат да дадат и граѓаните ставајќи го својот потпис во подрачните единици на ДИК низ државата.
– На Македонија не ѝ е потребен нов Иванов. Не им е потребен уште еден партиски послушник, кој е подготвен да дејствува спротивно на интересот на државата, да не почитува Устав, работејќи само во името на партијата и партискиот шеф, како што ни се случуваше во последните 10 години. На државата и на граѓаните им е потребен претседател кој влева доверба и сигурност, кој гледа напред и ја води земјата кон ЕУ и НАТО, рече Кирацовски.
Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ повторно го нападнаа Пендаровски нарекувајќи го „продолжена рака на заевизмот“.
– Заевизмот не му е непознат на Пендаровски. Сè што кажуваше во кампањата во 2014 година, потоа го погази со тоа што ги поддржа сите заевистички зафати – од тоа што го одобри консултативниот референдум, за кој говореше дека такво нешто е невозможно, до промената на името и капитулантскиот договор, за што велеше дека е невозможен без широк консензус. Пендаровски е докажана и продолжена рака на заевизмот – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Александра М. Митевска