И Македонија има пештерски нуркачи ама не ги вреднува

Ризично е да си пештерски нуркач. Уште потешко е ако државата не те препознава како важна алка во системот за заштита и спасување.

„Ние вадиме давеници од вештачки езера, каде што нуркачите на отворени води не влегуваат, оти по 9-10 метри длабочина е сосема темно и ништо не се гледа. Имаме искуство, нè викаат. Имаше 2-3 случаи каде што специјална единица од МВР не може да ги извади телата и влеговме ние. Ако за пештерско нуркање треба специјална и скапа опрема, за вадење давеник треба плус и искуство. Дејствуваме најчесто по барање на семејството, откако 4-5 дена другите спасувачи не успеваат да го пронајдат давеникот. Но, не е регулирано кој ќе го вреднува нашиот труд“, вели Киро Ангелески, член на спелеонуркачкиот клуб „Врело“.

Во Македонија има 6 пештерски нуркачи, сертифицирани. Тие се разликуваат од оние што нуркаат во отворени води. Иако досега кај нас немало потреба од спасување луѓе заглавени во поплавена пештера како во Тајланд, Ангелески вели дека има потреба од таков тим за спасување.

„Македонија се нуди како земја за адреналинскиот туризам, пропагираме алтернативни спортови кои носат опасности. Треба државата да застане зад нас. Вака, ни се случува да им се наплатува на рибарите дневна дозвола од 250 денари, а кога треба да се интервенира, на пример од ‘Јасен’, да ни кажат дека нема кој да плати“, укажува Ангелески на потребата од посериозно зафаќање со проблемот. Дополнително, во случај на кризен настан, вели дека точно треба да се знае која институција ќе ги координира активностите.

И опремата на спелеонуркачите е скапа, подобрите чинат околу 10.000 евра.

„Во клубот имаме 4 нуркачи со многу добра опрема. За сопствена сигурност мора да си купите добра опрема и да ја одржувате исправна. Потребна е и добра обука на нуркачите. Не може млад нуркач да вади давеник што со денови бил во езеро, за тоа треба ‘прегорен’ нуркач“, објаснува Ангелески, додавајќи дека иако не е многу скапа инвестиција, Mакедонија нема сонар за барање на тела во вода.

Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека во тек е воспоставување соработка со друштва од различни сфери кои можат да помогнат во системот на заштита и спасување.

„Нивното вклучување во системот е неопходно. Досега ова недостигаше. Со некои друштва веќе изведовме неколку вежби, а ќе има уште заеднички активности. И нуркачите се важен елемент во цивилната заштита во Македонија“, ни изјави Аднан Џафероски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Вели дека и законската регулатива бара измени, за да се дефинираат работите.

„Во наредниот период ќе направиме темелни реформи во цивилната заштита, да може законот да ги препознае сите чинители во системот, да овозможи нивно вклучување и вреднување. Трудот ќе може да си го наплатат. Има многу начини како за ова општествено добро да се направи респектабилен фонд од кој целото општество ќе има ќар“, вели Џафероски.

Денеска екипата од спелеонуркачкиот клуб „Врело“ влегува во истоимената пештера на Матка, за прв пат годинава. Иако вообичаено првите годишни нуркања се во мај, годинава, поради обилните дождови, не дозволувало високото ниво на подземни води.

Анита Салтировска