И во Македонија колективни тужби по американски терк

„Секој добива!“, „Нула камата!“, „Бараш најевтин заем? Аплицирај за 70.000 денари и добиј ги за 30 минути!“ Ова се само дел од слоганите кои секојдневно нѐ бомбардираат од сите можни медиуми и ни нудат брзи кредити. Зад нив не стојат банки, туку финансиски друштва регистрирани во Министерството за финансии и според последното ажурирање ги има 19. За Организацијата на потрошувачи (ОПМ) нивниот начин на рекламирање може да се подведе под нечесни практики за кои потрошувачите може да побараат колективна заштита. Но, иако Законот за заштита на потрошувачите ја утврдува колективната заштита на правата на потрошувачите како можност, со Законот за парнична постапка таа не е уредена оти не е предвидена колективна тужба.

„Кај нас сѐ уште има недостиг во одредбите во материјалното и во процесното право и не можеме да ја примениме. Таква е ситуацијата и во регионот. Почнуваме кампања за воведување на колективна заштита на правата на потрошувачите“, рече претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова.

Механизмот треба да најде место и во новиот Закон за заштита на потрошувачи кој е во подготовка а во тек е и проект „Развој на колективната заштита на потрошувачите во Југоисточна Европа“, кој се реализира во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (GIZ) и со поддршка на Владата на Сојузна Република Германија.

За зајакнување на капацитетите за реализирање на колективната заштита предвидени се обуки на надлежните министерства, омбудсманот, пазарната и другите инспекции, регулаторните тела, судската власт.

Со колективните тужби по примерот на американската пракса, граѓаните ќе добијат можност по судски пат да се решаваат спорови кога се оштетени поголеми групи потрошувачи.

Во Македонија има многу примери каде што се кршат прават на потрошувачите, а тие би требало да побараат колективна заштита, сметаат од ОПМ. Понудите на туристичките агенции или никаде необјавените но практикувани такси на банките се само дел од нив.

Колективните тужби нема да им донесат бенефит само на потрошувачите, туку и на компаниите кои направиле прекршок. Кате Стојановска од Агенцијата за храна посочи на пример на труење од храна што се случил лани, кога кај нив прво дошол газдата на угостителскиот објект барајќи начин да исконтактира со затруените и да им понуди вонсудско обесштетување. Кога би имало механизам за колективна заштита, кој нуди и ваква вонсудска можност за заштита на правата, и бизнисот би бил заштитен и потрошувачите би добиле надоместок за претрпената штета.

„Сметам дека новата европска директива за колективна заштита во Македонија треба да се донесе како посебен закон, зашто ако се расцепка по различни закони ќе изгуби од ефикасност и ќе има грешки“, рече Стојановска. ((А.С.)