Интерес
Лејла Сабит
Сѐ се врти околу интересот.
Како господин околу убава жена, како жена околу убави чевли, како политичар околу функција, како бизнисмен околу инвестиција, тинејџер околу „плејстејшн“ или мали деца околу омилените играчки.
Интересот привлекува високи цели, буди ниски страсти, ве прави арогантен, понекогаш понизен, некогаш победник, а некогаш губитник.
Ве изолира, ве прави друштвен, некогаш активен, некогаш пасивен, ви ги истакнува доблестите и ви ги открива мааните, ви дава предност, а некогаш ве враќа назад.
Ви го изострува видот, ви го мати разумот, погледот ви шара, не разликувате што е добро, а што лошо, кој е пријател, а кој непријател.
Некогаш интересот е со вистински намери, некогаш е со задни намери, некогаш моќта ги надвладува чувствата и расудувањето па животот и работата ви добиваат поинаков тек.
Како маж не знаете дали да изберете убава или богата, паметна или грда, шармантна или со стил, урбана или од внатрешноста, домаќинка или украс.
Жените не можат да се одлучат меѓу високи и ниски потпетици, удобни или шик, евтини или скапи, практични или декор на нозете.
Експертите од интерес сакаат да бидат политичари, бизнисмените менуваат страни за да останат на врвот, етиката се меша со моќ, моралот со неморал.
Заради интерес сакате, мразите, го допирате дното, станувате она што не сте, се претворате дека не сте она што сте.
Интересот ве води некогаш лево, некогаш десно, почесто право, патот е неизвесен, некогаш со дупки, некогаш со црвен килим, некогаш правите сообраќајка, некогаш останувате без гориво, сам или со сопатник.
Интересот како и животот избира меѓу црно и бело, а не меѓу нијанси, добриот го прави лош, лошиот добар,човекот нечовек, чесниот криминалец, криминалецот чесен.
И пак се враќаме на почеток. Некој е добар, а нема среќа, некој нема образ, а му течат пари од сите страни.
Калимеро нема правда, особено во Македонија!