Интервју со Јани Макрадули: Не се чисти загадениот воздух за едно лето

Избираме компанија со најголем придонес за животната средина, има акциски еколошки планови, ама во последниот извештај за квалитетот на воздухот пишува дека концентрацијата на опасни честички изминативе десет години значително ги надминува граничните вредности во сите урбани средини во земјата или, поинаку кажано, воздухот нѐ труе. До кога ќе биде вака?

– Решавањето на проблемот на воздухот е долготраен процес кој веќе со некои мали активности што сме ги направиле даде некој резултат. Можеби малку ни одговараше и метеорологијата, и оваа година имавме помалку загадување од лани. Се разбира, тоа не е задоволително бидејќи концентрацијата е навистина висока. Има промена во целата атмосфера  бидејќи ние не криеме дека воздухот е загаден, има општ консензус во државата и ги бараме причините. Јас сум љубител и овде во министерството да се справиме со причините, а не со последиците. Затоа преземаме сега неколку активности, како што е неколку објекти од јавните установи, градинки, студентски домови, здравствени установи и основни училишта да ги поврземе на еколошки извор на затоплување. Сите анализи во Македонија покажуваат дека домашното затоплување е најголемата причина за загадениот воздух и затоа сакаме државата да покаже дека е подготвена да не загадува. Прво децата, болните, студентите ќе живеат во подобри услови а второ и целата околина нема да се загадува. Успеавме да ги алармираме со нашите активности повеќе меѓународни организации, така што очекувам помош и однадвор, но мора и сами да покажеме дека сме подготвени и како Влада да вложиме, но ме радува што и повеќе компании од бизнис-заедницата се подготвени да помогнат во процесот на промена на начинот на затоплување во јавните установи. Тоа е долг процес, во кој треба и граѓаните да се приклучат. Свесен сум дека од економски аспект некаде е тешко да се направи, и затоа вчера имавме некои активности, по примерот на т.н. обврзници за заштита за решавање на некој проблем, да влеземе во еден концепт во кој ќе најдеме финансиер што ќе помогне во поврзувањето на граѓаните со ниски примања или ранливи групи кон системите или инфраструктурата која што нуди еколошки извор, дали е тоа топлотниот оператор или гасниот оператор или одиме со инсталација на топлотни пумпи, тоа е сѐ потоа, во процесот на имплементација.

Кога ќе се случи ова?

  • Дел од активностите ќе бидат и летово.

Зашто граѓаните забележуваат дека сѐ е убаво во плановите, ама ако биде за 20 години, што од тоа?

  • Па и Мексико и други градови се исчистиле за 20 години. Не барам алиби, таа е бројката. Бидејќи треба да го промените начинот на затоплување, на пример, во цело Лисиче или цело Ѓорче. Тоа е процес што не може да се направи за едно лето. Затоа поспремни ќе ја дочекаме новата грејна сезона, со повеќе објекти поврзани на поеколошки извори и повеќе домаќинства поврзани на поеколошки извори на затоплување.

Ќе биде почист воздухот зимава?

  • Апсолутно. Има неколку причини што покрај метеорологијата помогнаа минатата зима, а тоа е пред сѐ чистењето на дивите депонии и ѓубришта, зголемените контроли на Б-дозволите што ги имаат компаниите, а не работат согласно прописите, зголемениот притисок на Инспекторатот, општата мобилизација кај граѓаните, придонесе за помалото загадување.

Значи системските мерки се…

  • Да се справиме со изворите. Да направиме концепт во кој на граѓаните ќе им се исплати да го променат начинот на греење. Ако плаќале за дрва 50 евра месечно, да плаќаат пак 50 евра, ама за еколошки извор. Тоа е голем концепт што сакаме да го промовираме – да се справиме со причините, а не со последиците. Набавуваме и прочистувачи за училиштата, но подобро превентивно да дејствуваме отколку потоа да поправаме.

Во последниот ревизорски извештај за квалитетот на воздухот констатирани се многубројни слабости.

  • Интерресорска група што ја водам јас, и во која се вклучени и две невладини организации, согласно нивните и европските препораки, го намали прагот на алармирање и предупредување, така што влегуваме во друг режим. Поставивме нова мобилна станица во Бутел, таму ќе биде една година, а следната година ќе биде во Ѓорче Петров. Поставивме и во Струмица и во Гостивар. За постоечките, забелешката беше дека се со стара технологија. Некои треба да се променат не зашто не работат, туку дека нема веќе делови за нив. Имаме одвоени средства, ќе направиме набавка, но сега приоритетот е државната калибрациска лабораторија. Информацијата помина на Влада, добиени се задачите, има акциски план за операционализација. Во моментов само две приватни компании имаат акредитирани лаборатории, и кога инспекторот оди на терен, ако настане спор, додека сето тоа се провери, ќе трае долго. Во случајов државата ќе си ја преземе обврската што е со закон дадена, и во моментов се имплементира акцискиот план да ја стандардизираме државната лабораторија. На тој начин ќе имаме транспарентност и побрзо ќе имаме податоци. Веќе е разговарано со компании што го прават тоа, треба да направиме и внатре промена на систематизација, ќе ни треба менаџер за квалитет.

За зимава ќе ја имаме?

  • Да. За жал, вагата која е битна за мерење на загадувањето, во последната серија земјотреси во Скопје, била единствената што била оштетена. Чини 20.000 евра.                                            

Проблем се 20.000 евра?

  • Досега Министерството било сервис на другите министерства, сега се обидуваме да ја промениме поставеноста. Ако ги погледнете еколошките студии за рудници од порано, не пишува може или не може, пишува „да внимаваат“, „да обезбедат“, не „може“ или „не може“. Само предупредувања, без јасен став може ли да се гради или не.

Кога сме кај рудниците, особено овие за кои се бара стопирање, каде е тука улогата на Министерството?

  • Министерството, согласно закон, треба да даде мислење дали инвеститорот кон природата се однесува согласно најдобрите пракси и најдобрите технологии.

Овие проблематичните сето тоа го задоволиле?

  • Не го задоволиле, и затоа на крај не добиле дозвола. Министерството 3-4 пати може да ја преоцени работата. Затоа, на пример, има рудници, новите на пример, кои велат нема да користам цијанид во процесот.

За „Иловица“ кажувате?

  • Да, „Еуромакс“ сега има ново барање со кое се повлекуваат од користењето на цијанидот и со новото барање се тука, но има постапки кои се од различни министерства, и од општината, имаме ситуација која е многу јасна.

Има забелешка и дека РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ немаат А-интегрирана еколошка дозвола.

  • За жал, и јас кога дојдов во Министерството се фрапирав од фактот дека РЕК „Битола“ нема А-интегрирана дозвола. Толку беше апсурдна ситуацијата што и автобусите што ги носеа работниците загадуваа. Уште во ноември лани ЕЛЕМ и РЕК „Битола“ добија задача и има план што треба да го реализираат. Дел од тоа е што се случува со пепелта. Во моментов има технички дијалог која компанија ќе го средува тоа, зголемени се еколошките вложувања во комбинатот, се преговара за десулфуризацијата. Недозволено е државата да бара од приватни фирми да вложуваат по 12,15 милиони евра, а државата да не ја заврши работата. Годинава треба да ги завршат обврските, по што инспекцијата ќе провери дали ги исполниле условите.

Стопирањето на градежното лудило, како мерка за намалување на загадувањето, беше едно од ветувањата на оваа влада. Ништо не е направено. Борбата против загадувањето се повлекува пред бизнисот и парите?

  • Локалната самоуправа во доменот на своите ингеренции си прави проценка дали тој објект треба или не и дали согласно новите закони може да обезбеди доволно зеленило околу за да може да го гради објектот. Локалната самоуправа има дополнителна задача да го контролира процесот како се гради. Не мислам дека можеме да стопираме сѐ, но навистина ветивме некои работи и треба во тој правец да најдеме решение во интерес на граѓаните. Ако некој објект се гради, мора да исполни услови за квалитетно живеење. Гледам дека некои градоначалници сега се заложници на некои политики од претходно, и се трудам да најдеме решение за да се исполнат стандардите за заштита на животната средина. За жал, има објекти кои немаат сообраќајно решение, има зграда без решено греење. Кога градите зграда, треба да имате проект за струја и за вода, не и за начинот на загревање. Сега со градот имаме слична иницијатива – да го уфрлиме и проектот за начинот на затоплување, без да обврзуваме како ќе биде тоа. Тоа ќе оди со измена на закон. Во овој дел има многу мешани ингеренции, ама не значи дека не треба да зборуваме за проблеми што не се во наша ингеренција, и заедно со градоначалниците. Зашто ингеренцијата може да не е на градоначалникот, ама воздухот во општината е. Затоа, заштитата на воздухот е резултат на интегрирана и координирана акција, договор меѓу локалната и централната власт.

Што утврди Финансиската полиција во редовната контрола на секторот за отпад во Министерството, а се однесува на колективните постапувачи со отпад?

  • Не знам, го чекаме извештајот.

Се вртат големи пари во овој еколошки сегмент, што е интересен дури и за Финансиска полиција?

  • И пред 3-4 години овде имало контрола. Го чекам извештајот. Сакам да има добра слика за Министерството, не сакам да го читаме по упади на Финансиска полиција по медиуми.

Амбасадори ни го чистат ѓубрето, коритото на Вардар е преполно со пластика, стакло… Што прави Министерството?

  • Ние го чистевме Козјак. Еве, заедно со „Пакомак“ пробно ќе поставиме мрежа на реката Треска, заедно со Општината Македонски брод, за да го заштитиме Козјак. Ќе поставиме и кај што Треска се влева во Вардар, со градоначалникот на Зелениково, ќе ги вклучиме и кајакарите, и со колективните постапувачи со отпад, да видиме како ќе профункционира. Пластиката во реките е слика за сите нас. Кога дојдов во Министерството, ми беше чудно што не селектира отпад. Потоа, со одлука на Влада почнавме да селектираме пластика и хартија. И, со измените за законот, ќе се воведат колективни постапувачи за текстил, за отпадно масло и за каросерии за коли. Нашите закони се добри, ни недостига примена. Поглавјето 27 за пристапување кон ЕУ ќе биде тешко и скапо поглавје, кога ќе се преговара за него. За жал, нема таква свест, дури и во Владата, колку ќе трае и колку скапо ќе биде поглавјето 27.

А треба ли само странците да даваат пари?

  • Државата ќе покаже пример со промената на затоплувањето на неколку јавни објекти.

Успевате да се изборите со министерот за финансии за повеќе пари? Ако се 10,5 милиони евра во Македонија за екологија, 390 милиони се во Словенија.

  • Тешко ни оди, ама се бориме. Имаме поголем буџет, да не ги гледаме само нашите средства. 10. милиони за гасификација во Транспорт и врски се дел од борбата за здрава животна средина. Енергетски ефикасните врати и прозорци во основните училишта, како дел од буџетот на Образование, исто така. Проектот од 2 милиони евра за енергетска ефикасност во Агенцијата за енергетика, исто така. И со новиот закон за енергетика ќе се отвори друг простор поврзано со обновливите извори, така што се создава амбиент за кој треба време, но не бегам од одговорноста, дека секој ден треба, посебно летото, да се бориме за она што не чека на 15 октомври.

Скопјани се исплашени дека „Дрисла“ ќе го собира отпадот од Струга, од Тетово. И никој не сака во свој атар регионална депонија.

  • Има општини што не сакаат регионална депонија, а во исто време имаат осум диви депонии што го загадуваат воздухот и преку почвата и земјоделските култури. Да не дозволувате здрава, зелена, фабрика што ќе произведува електрична енергија. 

Само ќе констатираме?

  • Не. Во разговор на премиерот со градоначалниците беше договорено, преку ЗЕЛС, ингеренциите во делот на отпадот да ги предадат на државата. Во Североисточниот плански регион, проблемот ќе се реши со дел од парите од европскиот проект од 38 милиони евра. Очекуваме деновиве делегацијата, преку Брисел, да распише повик, во кој ќе се купат камиони, ќе има трансфер-центри и депонија која ќе прави струја и отпадот ќе се третира согласно светските стандарди. Во Полошко се разговара за јавно-приватно партнерство. Во другите четири региони државата ќе распише концесија, ќе може странска компанија што знае да го менаџира, да произведува електрична енергија од отпадот, да конкурира и да го земе на 25-30 години. Владата има висок приоритет да ја преземе таа одговорност, зашто знаеме дека ќе биде добро за сите. Тоа ќе биде повеќе ДДВ за општината, повеќе зелени работни места, почиста животна средина.

Значи, не се носи ѓубре од Струга во Скопје?

  • Не. Државата даде пари да се среди депонијата, да се набават камиони. Но нема логика граѓаните да мислат дека таа депонија на 20-ина метри од езерото дека е во ред, а дека на 25 километри е опасност за езерото. Новите депонии ни од далеку нема да бидат како таа во Струга. Не се ни викаат депонии, тоа се фабрики за производство на електрична енергија од отпад. Ме радува што има и неколку приватни компании што произведуваат електрична енергија од отпад. Преговараме со некои компании да го користат отпадот од текстил. Се прави стратегија за неформалните собирачи на пластичен отпад, да бидат вклучени во системот. Затоа Министерството до почетокот на летото ќе ги објави сите компании со А и со Б-дозволи, граѓаните да знаат која фирма каква дозвола има. Сите граѓани да бидат инспектори.
  • Анита Салтировска 

Фото: Борис Грданоски