Избришана вистина

Фросина Факова – Серафиновиќ

Премиерот Зоран Заев гори од желба да ги соопшти деталите за бегството на неговиот претходник Никола Груевски, но истрагата што ја води Обвинителството за гонење организиран криминал ќе ги изгори и премиерот и јавноста, која одбројува колку време им е потребно на институциите за да кажат како избега Груевски. И додека новинарите и граѓаните во Будимпешта го снимаат и фотографираа осудениот бегалец во ресторан, како вади пари од банкомат и на шопинг на популарната улица Ваци, снимките што требаше да одговорат како избегал Груевски и кој му помогнал, исчезнаа, или официјално – сами се избришаа.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, на инсистирање на новинарите да каже до каде е истрагата за најпознатиот бегалец, ги демантираше последните информации токму од неговото обвинителство и ја соочи јавноста со болната вистина дека снимки од Албанија всушност нема. На почетокот на месецов од обвинителството соопштија дека надлежните служби во Албанија ги информирале дека ги обезбедиле потребните докази, така што е нејасно како се случи аберот од Албанија да се смени, т.е. од обезбедени докази да се заврши со избришани снимки. Речиси три месеци откако избега Груевски, власта тврдеше дека знае детали за бегството, но не може да ги каже бидејќи се чекаат резултатите од фамозната истрага. Единствен факт што го утврдија надлежните органи, без снимките од Албанија, е дека Груевски избегал на див премин. Јовески, исто така, не можеше да каже дека доказите од Албанија се клучни за истрагата, а одговор нема ни за тоа што покажале снимките од Македонија, од безбедносните камери на патиштата, наплатните рампи, граничните премини, како и околу домот на поранешниот премиер. Со бришењето на снимките нема да пропадне истрагата, но ќе пропадне ако не се утврди кој направил пропуст, дали Министерството за внатрешни работи кое чекаше наредба од судот за да го спроведе поранешниот премиер во затворот во Шутка, дали судот кој поради тоа што беше викенд не можеше да му го врачи упатниот акт или Специјалното јавно обвинителство кое не побара притвор. Одговори се чекаат и за тоа дали на поранешниот премиер во бегството му помогнале дипломати од Унгарија ако се знае дека во штурите реакции од Владата провејува информацијата дека постојат индиции дека во бегството се инволвирани лица од трети земји. Еврокомесарот Јоханес Хан нема докази, но рече дека не е наивен околу вмешаноста на Албанија, Црна Гора и Србија, земјите низ кои поминал Груевски за да стигне до Будимпешта. И македонската јавност не е наивна дека истрагата води единствено кон тоа да не се лоцира ниту ненамерна одговорност во институционалниот триаголник.

Дури откако избега поранешниот премиер сите проработеа, при што СЈО побара, а судот му одреди притвор на Груевски за сите случаи, а парламентот му ја одзеде и пратеничката плата од над 1.000 евра, за што претходно тврдеше дека не е можно. Но му останаа околу 120.000 евра од сметките што ги испразни пред бегството, а за кои Специјалното јавно обвинителство тврди дека не знаело дека ги празни и дека ниедна институција не ги известила. Сепак, за СЈО овие пари не биле некоја импозантна бројка за да ги алармира дека некој планира бегство. И основниот и Апелацискиот суд, кога СЈО побарало притвор за Груевски на почетокот на истрагата за „Титаник“, сметале дека овие пари не може да се третираат како опасност за бегство. И додека трае истрагата, поизвесно е дека Груевски на Фејсбук ќе напише сам како избегал, како што ни соопшти дека заминал кај својот пријател во Будимпешта и дека добил азил.