За автопатот Кичево-Охрид ќе требаат нови задолжувања
Колку ќе порасне цената на автопатот Кичево-Охрид ќе се знае до крајот на месецов. Дотогаш ќе треба да заврши препроектирањето на 57 позиции, како и новата проценка на вредноста на тунелот и на новите осум клучки и 40 километри пристапни патишта, кои не беа предвидени во стариот проект. Тие, според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, не влегуваат во првично проектираната сума од 374 милиони евра. За доизградба на автопатот во должина од 57 километри ќе бидат неопходни нови задолжувања, за кои дополнително ќе се преговара со меѓународни финансиски институции.
„Стариот проект не задоволува ниту еден стандард. Не предвидува ниту една клучка за излез и влез по целата делница од Кичево до Охрид со кои локалното население ќе да може да комуницира. Осумте клучки што ги предвидовме, според првичните пресметки, ја покачуваат цената за дополнителни 30 милиони евра“, посочи Сугарески.
Министерството и Јавното претпријатие за државни патишта ангажирале експерти од Австрија и САД кои ќе учествуваат во преговорите со кинеската компанија „Синохидро“ за конечната сума на проектот. Веќе е договорено неискористените 220 милиони евра од кредитот од Ексим банка да се користат во следните три години, а ќе биде побарано од парламентот да се пренаменат од една во друга ставка за да станат употребливи. Во меѓувреме, додека траат преговорите, градежните работи ќе продолжат на незавршените делови кои се зацртани во стариот проект.
Директорот на јавното претпријатие Зоран Китанов информира дека во моментов течат преговори со експертските групи за оваа делница, но со склучувањето на вториот анекс на договорот за продолжување на изградбата за три години е овозможено да се надмине застојот во градежните работи и активностите да продолжат на делот опфатен со стариот проект.
„Во моментов преговараме за дополнителни работи, кои ги нема во стариот проект, а тоа се клучките, пристапните патишта и косините, како и за довршување на тунелот. Ги утврдуваме цените за дополнителните работи и сакаме да одиме со тие на подизведувачите, а не со тие на ‘Синохидро’, кои важеле досега. Во меѓувреме, се прават и 57 препроектирања на сите нови објекти на таа делница“, рече Китанов.
Информира дека во завршна фаза е и експропријацијата на земјиштето на постоечката траса бидејќи беше завршен многу мал дел, па патот завршувал во руралните делови меѓу куќи. Китанов додава дека во делот каде што ќе има препроектирање ќе има потреба од нова експропријација, каде што првенствено ќе се ослободува државното земјиште за да може да се отворат позиции за старт на градежни работи, особено на косините.
Проблемот со автопатот Кичево-Охрид се отвори откако беше утврдено дека пред изградбата на тунелот се направени геомеханички испитувања на погрешно место, поточно испитана е земја од друга категорија. На вистинската локација на тунелот земјата е во категоријата пет и шест, што значи многу мека и ронлива подлога. За неа се предвидува изградба по сосема други стандарди од оние што се пресметани во проектот, во кој испитувањата се правени на земја од категоријата три и четири, односно многу поцврста подлога.
Сања Наумовска