Заев и Ципрас во потрага по чудо во Софија

Софија – Земјите од Западен Балкан очекуваат дека самитот на ЕУ во Софија ќе ја забрза нивната европска интеграција, а Македонија посебно се надева дека во бугарскиот главен град ќе биде направен конечниот исчекор во решавањето на проблемот со името. Премиерот Зоран Заев, кој ја предводи македонската делегација, синоќа вечераше сам, додека лидерите на ЕУ заедно со грчкиот премиер Алексис Ципрас имаа заедничка работна вечера која траеше до доцна во ноќта. Според најавите овде во Софија, Заев ќе се сретне со Ципрас денес претпладне, а за синоќа беше закажана билатерална средба само со францускиот лидер Емануел Макрон.

Она што може да биде суштинско е состанокот на лидерите на социјалистичките партии, на кој на иста маса ќе се најдат и Заев и грчкиот премиер, што е можност на маргините да го oтворат и прашањето за името. Заев денеска треба да се сретне и со германската канцеларка Ангела Меркел, а таа треба да се види и со грчкиот премиер Ципрас.
Како увертира на средбата на премиерите, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на еден од панелите што се одржуваа во Софија изјави дека чудата се можни. „Ќе биде чудо доколку успееме да го решиме спорот за името со Грција, но чудата се можни. А денес на сите ни се потребни чуда“, изјави Димитров на панелот на кој учествуваа бугарскиот и хрватскиот премиер, Бојко Борисов и Андреј Пленковиќ, и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева.

„Во последниве години гледавме во погрешни векови, но денес сме тука во 2018 година. Македонија загуби генерации чекајќи да мрдне на патот. Го гледаме возот на ЕУ како минува и сакаме да го фатиме“, рече Димитров.
„Ќе биде трагедија доколку на Македонија не ѝ се дозволи да ги започне преговорите за пристапување кон ЕУ“, рече Димитров.
Пред почетокот на формалната агенда, прес конференција одржа претседателот на Европскиот совет, Донал Туск, кој нагласи дека самитот со земјите од Западниот Балкан во ваков формат се случува за првпат по 15 години.

Според него, тоа ќе биде можност за двете страни да ја реафирмираат европската перспектива на балканските земји и дека членството во ЕУ останува нивна геополитичка перспектива. Според него инвестирањето во инфраструктурата и социоекономскиот развој во регионот е во најдобар интерес на ЕУ. Тоа ќе биде целта на овој самит, рече Туск додавајќи дека се надева овој самит да ги доближи овие земји поблиску до ЕУ. Сѐ што ќе зборуваме денес и утре има глобална димензија, рече Туск, при што не остана незабележано дека ниту на прес-конференцијата ниту во нацрт заклучоците од самитот не се споменува зборот проширување, не пак некој рок.

Туск остро го нападна американскиот претседател Доналд Трамп за неговата „каприциозна агресивност“ во обидот да се справи со подемот на Кина и руската агресија. „Гледајќи ги најновите одлуки на претседателот Трамп, некои дури би можеле да речат ‘со такви пријатели, кому му се потребни непријатели’“, додаде тој.
Лидерите на ЕУ треба да разговараат за два проблема кои им ги остави Трамп: неговата одлука да се повлече од нуклеарниот договор со Иран и заканата од САД да наметне даноци за увоз на метал.

Туск рече дека потегот на САД за воведување трговски казни од безбедносни причини е „апсурден“, бидејќи ЕУ е главен американски сојузник, а не закана. „Треба да ја вратиме реалноста во оваа дискусија“, рече тој. „Европа треба да му биде благодарна на претседателот Трамп бидејќи благодарение на него се ослободивме од сите илузии дека ЕУ може да се потпре на другите за помош“, додаде Туск.

(Од нашиот известувач од Софија, Слободанка Јовановска)