Во Специјализираната болница за респираторни заболувања Отешево се формира библиотека


Благородната идеја на семејството на поетесата Светлана Христова-Јоциќ, да се донираат книги од нејзината семејна библиотека во институција во градот Ресен, родното место со коешто таа се гордееше, се реализираше вчера во Специјализираната болница за респираторни заболувања Отешево.

Имено, идејата, уште минатата година, со радост беше прифатена од семејните пријатели на
Светлана Христова – Јоциќ и сопругот Владо Јоциќ, Мила и Мите Ноневски од Ресен, коишто се ангажираа истата да ја реализираат.

Од оваа посветеност, произлезе иницијативата на Мила Гулеска-Ноневска да се формира
библиотечно катче во Специјализираната болница за респираторни заболувања Отешево.
Директорот, Др. Благоја Китановски и неговиот тим со големо задоволство и ентузијазам ја прифатија оваа иницијатива, а семејството Ноневски дополнително обезбеди и раритетна донација – 125 години стара витрина од дабово дрво, увезена од Холандија.

На задоволство на сите, вчера и официјално беа предадени првите 200 наслови (поезија, проза, монографии, култни списанија и сл.). Најголемиот дел од насловите потекнуваат од библиотеката на Светлана и Владо Јоциќ, а десетици наслови се донација од библиотека на семејството Ноневски, од писателот Зоран Анчевски, како и од библиотеката на уметничкиот центар АРТ ПОИНТ – ГУМНО од с. Слоештица со кој раководат Сергеј и Ирена Андреевски, синот и снаата на Светлана Христова – Јоциќ.

Директорот Китановски информираше дека веќе имаат одредено лице коешто со голема посветеност ќе раководи со библиотечниот фонд, а во најскоро време ќе бидат поставени и дополнителни полици за сите наслови што ќе бидат донирани во иднина.

ЈЗУ „Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на хронични респиратор ни, неспецифични и алергиски заболувања Отешево“ годинава одбележува 46 години постоење. Основана е во 1980 година од Др.Арсе Гошаревски којшто бил и нејзиниот прв директор (1980-2000). Лоцирана е на западниот брег на Преспанското Езеро на надморска височина од 830m., во срцето на природната убавина на Преспанскиот регион, оваа болница со децении претставува единствена здравствена установа за рехабилитација на респираторни заболувања и важен дијагностички центар за респираторни заболувања за целиот југозападен дел на земјава и пошироко со капацитет од над 10.000 прегледи годишно.