Евтината енергија, услов за инвестиции

Домашните компании бараат евтина електрична енергија за да можат да реализираат нови инвестиции со економски исплатливи тековни трошоци. Таков е заклучокот од енергетската трибина што Стопанската комора за енергетика ја организираше во Виница со претставници на компаниите од регионот и експерти од ИПАРД програмата, а чија тема беше аплицирањето за финансиска поддршка од европските фондови за искористување на обновливите извори за производство на струја.

Стопанствениците рекоа дека светските искуства покажуваат оти искористеноста на обновливите извори достигнува и до 70 отсто, а токму цената на електричната енергија е еден од пресудните моменти дали тие ќе вложат во нови капацитети.

„Кај нас искористеноста на обновливите извори е исклучително ниска, без разлика на ресурсите со кои располагаме. Таков е примерот со ветерниците за производство на струја што ги имаме само кај Богданци, иако услови за нивно поставување постојат на повеќе места во Македонија. Исто така, државата треба да го стимулира и поставувањето на фотоволтаични уреди во домаќинствата, а произведената струја МЕПСО да ја контролира и балансира“, рече Георги Манасков, управител на компанијата „Манасков“.

На средбата беа објаснети начините како да се конкурира за пари од ИПАРД програмата што би се инвестирале во користење на обновливите извори за производство на електрична енергија. Еден од главните услови е апликантите да имаат подготвено проект што е одржлив и изводлив во конкретните услови на терен