(ВИДЕО) Европа бара да се спаси бугарското комунистичко ремек-дело


Структурата, која е висока 70 метри, е направена од 70.000 тони бетон, 3.000 тони армиран челик, 40 тони стакло и изгледа како да лебди на 1.440 метри надморска височина во центарот на Бугарија. Внатре е сместена широка церемонијална сала, која може да собере 400 луѓе. Од подот до покривот салата e прекриена со мозаик на кој е претставена историјата на Бугарската комунистичка партија.

Бузлуџа е бетонски споменик подигнат пред 40 години во слава на комунизмот. Невообичаената кружна зграда веќе две децении е препуштена на пропаѓање и вандализам бидејќи Бугарија настојува да го заборави своето комунистичко минато.

Сепак, западните експерти сакаат да го зачуваат споменикот. Тој е отворен во 1981 година, но по падот на железната завеса, зградата е оставена празна и препуштена на забот на времето.

„Со својот брутален стил овој објект е изворно архитектонско достигнување на 20 век“, вели Лорен Леви-Строс, шеф на Федерацијата за културно наследство „Европа ностра“ и поранешен официјален претставник на УНЕСКО.

За британскиот архитект Грахам Бел, Бузлуџа е неверојатна градба, крајно импресивна, која сега е во неверојатно тажна состојба.

„Споменикот е дел од европското културно наследство, а поголемиот дел од Европа не знае дека постои“, вели Бел.

Во „Европа ностра“ се убедени дека зградата може да се спаси. Тие бараат итна акција за запирање на пропаѓањето и објектот да се прогласи на заштитен национален споменик, што ќе овозможи користење на европските фондови за реконструкција.

„Добро е што Европа се грижи бидејќи Бугарија не се грижи“, вели авторот на споменикот, 89-годишниот архитект Георги Стоилов.

Локалните власти, кои располагаат со ограничен буџет, никогаш не сметале дека Бузлуџа има некоја вредност во која е важно да се инвестира.