ДУИ ја повика дијаспората да го поддржи референдумот


Демократската унија за интеграција  вчера и официјално се приклучи на кампањата ЗА референдумот.  Централниот одбор на партијата синоќа усвои Политичка платформа за референдумот, со цел интеграција на Македонија во НАТО и Европската Унија. Од партијата велат дека се свесни за важноста на овој заеднички предизвик заради што членовите на Централниот Одбор  на ДУИ  ги потврдуваат политичките определби и истакнатите  демократски вредности  во Политичката декларацијата за основањето на партијата. Евроатлантскиот  курс на Македонија и на регионот  е единствена алтернатива за заедничката иднина на Македонија и регионот,а  референдумот од 30 септември е определба за подобро демократско општество, со целосно владеење на редот и законот како и со беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал.

Централниот одбор донел одлука Централниот штаб на партијата и лидерот Али Ахмети да дејствуваат во согласност со расположението на огромното мнозинство на Албанците и другите граѓани во кампањата „ЗА“ и упатија апел и до дијаспората на 30 септември да го подржи  референдумот за интеграција на земјата во НАТО и ЕУ

„На 30 септември, постојат само две опции, едната е за европска Македонија додека другата е против. Без двоумење и со неспоредлива посветеност, ДУИ со сите свои капацитети, ќе се ангажира за успехот на референдумот и победа на прогресивните сили во земјава. Ја повикуваме и албанската и македонската опозиција да се приклучат на заедничкиот успех, бидејќи од постројувањето на нашата земја во Брисел придобивка има државата и граѓаните, придобивка има и опозицијата. Исто така, ги повикуваме тие што се уште се двоумат и ги калкулираат нивните позиции за дневно политички потреби, да се надминат себеси и да застанат заедно со прогресивните сили во земјата“, се вели во соопштението од партијата.