Долгот за вода ќе се плаќа на рати и без камати


 

Од 1 април скопјани што имаат неплатени сметки кон ЈП „Водовод и канализација“ ќе можат да се раздолжат на рати. Ваква одлука неодамна донел управниот одбор на претпријатието со цел да ја зголеми наплатата, а истовремено да им излезе во пресрет на граѓаните. Бројот на ратите ќе зависи од висината на долгот. На две рати ќе може да се отплати долг во висина од 4.000 до 7.000 денари, на три рати ќе важи поволноста за долг помеѓу 7.001 и 10.000 денари. Колку што е повисок долгот, толку е поголем и бројот на ратите. Најголема отплата, и тоа на две години, ќе важи за физички лица што должат повеќе од 110.001 денар за вода.

„На вкупниот главен долг, редовен и тужен, се додава и износ на име пресметана казнена камата сметано од денот на валутата на секоја поединечна фактура (сметка до денот на склучување на договорот), износ на име трошоци по постапките определени од надлежен нотар или суд и трошоци за заверка – солемнизација на договорoт согласно нотарската тарифа“, стои во одлуката на претпријатието. Можност за намирување на долговите на рати ќе имаат и компаниите, но не и органите на државната и локалната власт и другите државни институции како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија…

Директорот Душко Весковски се надева дека оваа поволност ќе ги натера скопјани да се раздолжат, а истовремено претпријатието да сервисира дел од милионските побарувања.

„Очекуваме добар одѕив во акцијата која ќе трае два месеца. И порано можеби имало слични поволности, но во случајов нудиме истовремено отплата на рати и без камата“, вели во изјава за „Независен весник“ директорот на „Водовод“. Во моментот тој не располагаше со информација за висината на долгот на скопјани, но потсетува дека на почетокот на годинава претпријатието имало побарувања од речиси пет милиони евра. Најголемиот должник, Клинички центар, кој не плаќал сметки речиси 10 години, почнал да го сервисира долгот и тоа преку извршител. Неплатените обврски почнале да ги отплаќаат и од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, а неодамна отплаќање на долгот најавиле и од државните студентски домови кои должат речиси 100.000 евра и некогашниот „Охис“.

Двомесечната акција, практично, е во рамки на одбележувањето на  22 март, Светскиот ден на водата. Од „Водовод“ апелираат за нејзино рационално трошење и потсетуваат дека скопјани пијат перфектно чиста вода, втора во Европа по квалитет.

 

Отпишана камата за платен долг во рок од 60 дена

Управниот одбор донел одлука  за отпишување на каматата, но под одредени временски услови.

„Можноста да се плати долгот без пресметана камата од страна на корисниците е со определено времетраење и тоа во рок од 60 дена сметано од денот на влегувањето во сила на оваа одлука. Одлуката не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија…“, стои во одлуката.

Деспина Трајковска-Димова