Гужва од советници во администрацијата: Им требаат или ги вдомуваат?

 

 Државата издвојува 266 илјади евра годишно за ангажирање на посебни надворешни советници кои имаат за задача да ги советуваат министрите и останатите носители на државни функции за што поефикасно да ги извршуваат нивните задачи. Ова сума, до која дојде СКУП, се троши за 34 „посебни советници“, кои се ангажирани само во 13 министерства.

Членот 27 од Законот за административни службеници ги опишува нивоата на советници во рамките на категориите на административните службеници, меѓу кои и се споменуваат  државен советник и советник, додека, членот 22 од Законот за вработени во јавен сектор, предвидува до три посебни советници во кабинетот на министерот.

„Првите се вработуваат согласно законот и мора да положат одредени испити за работна позиција. Станува збор за кариерните службеници. Другите се така примени, дали се партиски војници, дали навистина има потреба од нив, едноставно ја полнат администрацијата и го оптоваруваат буџетот на Македонија“,објаснува Борче Давитковски, универзитетски професор од областа на административно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Премиерот и 13-те советници

Листата на советници на премиерот, што СКУП ја доби со барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, брои 8 лица меѓу кои Бојан Маричиќ, Дане Талески, Драган Јованов, Љупка Цветкова, Ленче Николовска, Цвета Ласкова, Тања Чачарова Илиевска и Марјан Забрчанец.

Нивните месечни надоместоци се движат од 50 до 55 илјади денари, што за еден месец изнесува околу 425 илјади денари или близу 7.000 евра. Покрај паричниот надоместок, овие советници имаат одобрен лимит за користење на службен телефон во износ од 1.180 денари.

Неодамна во јавноста, владата ја објави вкупната листа на советници како и посебните советници помеѓу кои се наоѓаат: Љубе Бошковски – посебен советник за странски инвестиции, Фидан Колев – посебен советник за транспорт и врски, Рубин Земон – посебен советник за развој на мултикултурно општество, интеркултурализам и интеркултурните комуникации, Фатмир Битиќи – посебен советник за спроведување на Рамковниот договор и Ѓорѓи Тасев – посебен советник за млади и спорт.Посебни надоместоци за посебни совети земаат луѓето што ги советуваат министрите во Македонија. Покрај месечните добиваат и надоместоци за патни и телефонски трошоци.

Истражувањето за бројот и функционалноста на советниците беше особено насочено кон министерствата и премиерскиот кабинет. Документите до кои дојде СКУП откриваат дека во Министерството за здравство за една година, за тројца посебни советници се издвојуваат близу 28 илјади евра. Воедно, тие се и најплатени помеѓу посебните советници од останатите министерства. Нивните плати се движат од 37 до 54 илјади денари, а најмалку платени се тие во Министерството за економија со плати од 25 илјади денари.

Најмалку 300, а најмногу 1.500 денари се издвојуваат месечно од министерствата за телефонските трошоци на посебните советници. Патните трошоци, во некои министерства се уредуваат според внатрешни правилници.

Министерот за внатрешни работи го советуваат 15 советници

Во Кабинетот на Министерот за внатрешни работи има вкупно 14 советници и еден посебен советник. За месец јануари 2018 година, заедно добиле вкупен надоместок од 580.360 илјади денари. Помеѓу советниците кои го уживаат надоместокот од околу 41 илјади денари се наоѓа и Стојанче Ангелов, советник за полициски и криминалистички работи. Тој не сакаше да зборува за природата и обемот на обврските кон министерството,  од каде добива два пати поголем хонорар од просечната плата во државата.

„Што се однесува до мојата функција државен советник на министерот за внатрешни работи, не можам да зборувам за тоа бидејќи мојата функција е полициска  тајна“ – вели Ангелов за СКУП.

Посебен советник во Министерството за внатрешни работи е Раде Јанковски кој е ангажиран со договор на дело во период од една година. Информацијата за неговиот надоместок е класифицирана како тајна.

Покрај Министерството за здравство, на врвот на министерствата кои од буџетот издвојуваат над  20  илјади евра на годишно ниво за своите посебни советници се Министерство за образование и наука, Министерство за одбрана, Министерство за информатичко општество, Министерство за земјоделство и Министерство за транспорт и врски.Помалку од 20 илјади евра издвојуваат Министерство за правда, Министерство за локална самоуправа и Министерство за економија.

Советничка Таибе Емини за СКУП вели дека како посебен советник помага во комуникацијата и соработката на министерот со другите државни институции.

„Вработена сум според законот и имам решение за кабинетски службеник“, изјави Емини.

Санела Шкриејљ, советник во Министерство за труд и социјална политика, за нејзиниот ангажман како посебен советник вели дека е регулиран преку Aгенција за привремени вработувања. Како посебен советник, вели дека ја координира работата на кабинетот на министерот, како и координацијата на секторите во спроведување на тековните реформи во социјалната заштита и заштита на деца.

Министерството за животна средина и просторно планирање  има ангажирано еден посебен советник од областа за евроинтеграции и меѓународна соработка. Гилџане Саќипи за своите совети добива надоместок од 42 илјади денари што министерството на годишно ниво го чини околу 8 илјади евра.

Во Министерството за надворешни работи, единствениот посебен советник е Јане Лазевски, кој за своите совети од областа на односи со јавноста добива надоместок од 32 илјади денари, односно 6 илјади евра годишно.

  По еден советник на пет вработени

 Покрај посебните советници, во секое министерство, скоро 20 проценти од вработените имаат звање советник. Во просек, во секое министерство на пет вработени има по еден советник.  (Истражување на Скуп)

 

МинистерствоВработениСоветнициПросек советник на вработен
Министерство за финансии6231201 советник на 5 вработени
Министерство за економија152331 советник на 5 вработени
Министерство за здравство136381 советник на 4 вработени
Министерство за труд и социјална политика202591 советник на 3 вработени
Министерство за локална самоуправа56141 советник на 4 вработени
Министерство за транспорт и врски265621 советник на 4 вработени
Министерство за земјоделство621901 советник на 7 вработени
Министерство за обрзование296631 советник на 5 вработени
Министерство за правда106211 советник на 5 вработени
Министерство за култура145401 советник на 4 вработени
Министерство за надворешни работи286181 советник на 16 вработени

 

Листите на вработени од Министерството за животна средина, Внатрешни работи, Одбрана и Информатичко општество не ни беа достапни.

Колку и дали воопшто министрите и премиерот имаат потреба од посебни, надворешни советници, покрај толку редовно вработени советници? Дали имаат и кои се резултатите што ги испорачуваат? Професорот Давитковски вели дека посебните советници најчесто работат за партијата, а не за институцијата која ги ангажира.

„ Најчесто се сака да се вдомат некои партиски војници, како што беше кога имавме случај осумдесет советници да седат во Владата и да не работат ништо, туку само едноставно да агитираат за партијата. Тоа се забележува кога има промена на власта. На пример, поранешната партија немаше ниту еден вработен, сите беа советници. Сега тие ќе бидат во партијата. Додека, пак, сегашната власт нема да има ниту еден вработен во партијата бидејќи сега сите се вработени како советници, ќе ги покриваат нивните работни места преку некои вакви советници и разно разни органи. Што би се рекло, само да се прима плата, а да ги вршат партиските активности“, вели тој.

Ангела Рајчевска

 Бјанка Станковиќ

(Скуп Македонија)