Граѓани добиле решенија за ДДВ а не пријавиле данок

Управата за јавни приходи месецов почнала да им праќа решенија на физички лица со кои ги задолжува да платат ДДВ. И тоа на граѓани кои не се пријавиле дека треба да плаќаат данок на додадена вредност. Ова предизвика реакција на повеќе граѓански организации кои се побунија против службената регистрација што ја прави Управата за јавни приходи.

„Тивкото наметнување на службена регистрација започнувајќи од јуни годинава е во спротивност со принципите на владеење на правото. Владата не покажува волја да дебатира за прашањето на ДДВ за физички лица и да ги сослуша аргументите на засегнатите страни, а потоа да воведе решенија во законската регулатива на конструктивен начин“, реагираат граѓанските организации.

Тие бараат Владата да се повлече од присилната регистрација и да се отвори јавна дебата за потребата физичките лица да влезат во системот на ДДВ, со објаснување и едуцирање зошто е тоа потребно и како е направено во земјите на ЕУ.

ДДВ треба да плаќаат физички лица кои даваат добра и услуги во континуитет, ако имаат приход над еден милион денари годишно, меѓу кои вештаци и стечајни управници, земјоделци, тие што имаат приходите од договор на дело, закуподавачи на деловни простории, тие што имаат приходи остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, членови на надзорен одбор. Тука не влегуваат физички лица кои изнајмуваат станови за домување, ниту програмери.

Управата за јавни приходи вчера само го повтори ставот од јануари годинава, дека станува збор за мал број лица и дека по анализа на состојбата, проблемот ќе се расчисти со даночната реформа што следи.

Во 2015 имало 761 физичко лице што плаќа ДДВ, во 2016 – 1.059 а во 2017 – 1.185.

Граѓанските здруженија бараат да се допрецизира што е тоа самостојна стопанска дејност во Законот за ДДВ и да се усогласи со другите релевантни закони, како на пример со Законот за трговски друштва. Тие бараат јасно да се разделат авторските договори кои се надвор од опфатот на ДДВ, како што е тоа регулирано во ЕУ, каде авторските дела за „општо добро“ се разликуваат од авторските договори кои по природа се консултантски договори. (А.С.)