Владата ќе бара грант за автопатот Гостивар – Кичево

Владата насиноќешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за поднесување на Апликација за инвестициски грант за изградба на Автопат А2 Гостивар – Кичево делница Букојчани – Кичево.

Усвоена е информацијата и за Апликација за инвестициски грант за градежни работи за рехабилитација и проширување на државниот пат А2 Крива Паланка – Деве Баир (граница со Бугарија), како дел од Коридор 8, во рамки на отворениот повик на Инструментот за инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF) за 2017 година.

На седницата е усвоена и Информацијата за распределба на средства од Буџетот на РМ за 2017 година, од Министерство за транспорт и врски на Подпрограмата за поддршка на имплементацијата на Декадата и Стратегијата за Ромите со цел за распределба на средства за комунални инфраструктурни проекти во општините Кочани, Битола и Прилеп.

Владата го разгледа и усвои најновиот текст на Информацијата за фузионирање на здравствени домови и општи болници во општините каде тоа е потребно и го задолжи Министерството за здравство, во соработка со Фондот за здравствено осигурување на Македонија да формира работна група која ќе ги испита можностите за спојување, припојување, поделба или издвојување на две или повеќе јавни здравствени установи, заради поефикасно и порационално искористување на просторот, опремата и кадарот на јавните здравствени установи. Ресорното министерство на следната седница на Владата треба да достави информација со анализа на фискалните импликации, како и анализа на предностите и недостатоците, со предлог јавни здравствени установи.

На предлог на Министерството за здравство, Владата ја разгледа Информацијата со Акциски план за развој на вонболничка постоперативна грижа на пациенти и го задолжи Министерството за здравство на секои шест месеци до Владата да доставува информација за прогрес на активностите од Акцискиот план, се до конечна реализација на проектот.