Видео од бруталноста на црногорската полиција го шокираше регионот
Црногорските медиуми објавија видео на кое се гледа како полицајци малтретираат гости во едно кафуле во најјужниот црногорски град Улцињ.
Овој видеозапис, кој го објави политичката партија УРА, е снимен минатата година, но сега е првпат објавен и подигна вистинска бура од реакции и ја шокираше црногорската јавност.
На снимката јасно се гледа употребата на прекумерна сила од страна на полициските службеници Владимир Баковиќ, Радован Миличевиќ и Зоран Пејовиќ, за време на една рација во Улцињ во јуни минатата година.
На снимката може да се види дека полицајците брутално ги удираат во вратот, ребрата и ги навредуваат луѓето во кафуле во Улцињ.
„Ќе ти ја е.ам мајката, ќе ме запамтиш добро“ и „П.чко една, сега ќе видиш како тепа полиција“, се само некои од речениците што полицаецот Владимир Баковиќ ги употребува при спроведување на рацијата.
Полицајците неодамна беа уапсени по што склучија договор со црногорското обвинителство, во кој признаваат дека во повеќе наврати малтретирале граѓани, но сепак ќе продолжат да работат како полицајци.